1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Фејсбук и Скајп ја попречуваат интеграцијата

Може ли Фејсбук да биде причина за лоша интеграција во новата средина? Да, велат психолозите. Странските студенти во Германија повеќе се на социјалните мрежи отколку во друштво со вистинските колеги од факултетот.

Да се стекнат нови пријателства, да се прилагодат на новата средина и да се научи нов јазик - времето кое го поминуваат студентите во некоја странска држава по правило никогаш не е едноставно. За некои од нив, кои секојдневно ги користат социјалните мрежи како Фејсбук или пак програмите за комуникација како што е Скајп, тоа привикнување може да биде уште понапорно и потешко.

Наутро прво се вклучува интернет, се погледнува што има ново на Фејбук, со кафе малку муабетење со другарката или родителите преку Скајп... Така неко изгледа секојдневието на многу странски студенти во Германија. Многумина од нив во текот на целиот свој престој остануваат во тесен контакт со пријателите и роднините во татковината.

Апстиненција од три недели

Но студентката по информатика, Саманта Роуз, од Англија, е една од оние на кои социјалните мрежи на интернет не им значат многу. Напротив, ги користи, како што кажува, доколку сака на кратко да поразговара со пријателите на англиски јазик. По неколку недели во Германија, ја забележала својата зависност од интернет и решила да преземе конкретни чекори: „Всушност на почетокот на годината решив цела година воопшто да не одам на Фејсбук или, ако одам, тоа да го правам само во одредена мерка“, кажува Саманта. Нејзината „апстиненција“ не траела долго - цели 3 недели. Денес таа ги користи мрежите на интернет, но само за да контактира со пријателите или со колегите од факултетот во Берлин. Со други зборови, Саманта, како и многу други странски студенти, едноставно забележала дека Фејсбук во нејзиниот случај ја блокира во интеграцијата.

Да им се даде предност на спортските клубови

Logo Facebook Skype Bildkombo



Како што кажува Ханс- Вернер Рикерт, раководителот на психолошкото советувалиште на Слободниот универзитет во Берлин, интернет- мрежите навистина можат да ја оневозможат интеграцијата. Исто така, многу странски студенти кои доаѓаат во советувалиштето боледуваат од зависност од интернет. „Правило е дека ретко кога некој директно кажува дека е зависен, да речеме од Фејсбук. Но често слушаме оти не се чувствуваат добро во Германија, дека не напредуваат во учењето... Тогаш во текот на разговорот често излегува на виделина оти се чувствуваат изолирани и дека всушност немаат контакти со овдешните студенти“, кажува психологот.

Тој затоа им советува на сите оние кои планираат некое време да минат на некои од факултетите во странство, однапред малку да размислат на кој начин сакаат да бидат во контакт со домашните колеги. Тоа можат да бидат разни спортски клубови или некои други слободни активности. Освен тоа, би било добро и кога би размислиле колку всушност мора да биде интензивен контактот со татковината. Затоа е важно да им се објасни на родителите во татковината оти сакаат да се интегрираат и дека поради тоа можат со нив да разговараат по пат на Скајп максимално еден час неделно“, кажува Рикерт.

Може и едното и другото

Меѓутоа, ни по тоа прашање всушност не постојат строги правила. Она што важи за една личност, не мора да важи и за друга. Сибила Атанасова од Бугарија, на пример, која во Берлин моментално ги завршува студиите по психологија, е исто така секојдневно во контакт со пријателите и родителите во таковината по пат на Фејсбук, но, и покрај тоа, во Берлин се чувствува како дома.

„Тој феномен ми е добро познат. Многу мои пријатели поминуваат многу време на Фејсбук и ги негуваат малку личните контакти. Мислам дека тоа е штета бидејќи на тој начин ја губат способноста во личните разговори. Тогаш станува тешко воопшто да стапиш во контакт и да создадеш пријателства“, кажува Атанасова. Таа интернетот го користела за да си го олесни животот во Германија. Така пронашла стан, нови пријатели дури и студенска работа. За неа интернетот е составен дел од животот, а без Фејсбук и Скајп, веќе не може да го замисли своето секојдневие.