1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Фејсбук има роденден - веќе е „старец“

Иако денеска (4.02.) го слави својот 10-ти роденден, Фејсбук во светот на интернетот веќе е „старец“. Но, витален старец! Најголемата светска социјална мрежа има вртоглав раст, особено во делот на повозрасните корисници.

Тешко е да се поверува дека денеска Фејсбук го слави 10-от роденден. Младите генерации него веќе го сметаат за „старец“ – не затоа што десет години во светот на интернетот се многу долг период, туку затоа што и неговите корисници се сѐ постари. Помладата генерација сѐ повеќе се свртува кон платформи какви што се Twitter, Tumblr или WhatsApp. Дури и самиот Facebook го призна тоа.

Се претпоставува дека тој тренд само ќе се зајакнува. Кој тинејџер би сакал да оди во клубот во кој одат неговите родители? А, на интернетот не е поинаку отколку во реалниот живот. Така, на Фејсбук долгорочно му се предвидува смрт „на рати“. Но, кога веќе зборуваме за долгорочни прогнози, зарем сите нема да умреме? А, Фејсбук краткорочно, но сигурно и среднорочно, е на добар пат. Тоа го покажува билансот од последниот квартал во 2013-та година.

Фејсбук го најде вистинскиот клуч за бизнис

Symbolbild Facebook verdient an Smartphone-Werbung

Бројот на корисници на Фејсбук е постојан подем

Од октомври до декември минатата година овој концерн го зголеми обртот за речиси две третини, односно за 2,6 милијарди долари. Чистата заработувачка, од досегашните 64, скокна на неверојатни 523 милиони долари. Ваквите резултати на „остарениот“ Фејсбук се над сите очекувања на аналитичарите.

Дури и во некогаш проблематичната област за огласување на смартфони и таблети, Фејсбук бележи значителен раст. Сега за првпат се бележи поголема заработувачка од реклами на мобилните апарати, отколку на класичната интернет страница. Изразено во бројки тоа изгледа вака – 2,34 милијарди долари или 53 проценти од вкупната заработувачка од реклами. Пред три месеци тој процент изнесуваше 49, а пред една година само 23 проценти.

„Го имаат вистинскиот клуч за водење бизнис со смартфоните“, констатира аналитичарот Авринд Батија од француската компанија „Sterne, Agee & Leach“. Вредноста на акциите на Фејсбук скокна за 12 проценти.

Раст на бројот на корисници

Но, тука не е крајот на растот со кој Фејсбук може да се пофали. Во моментов на оваа социјална мрежа се наоѓаат околу една милијарда и 230 милиони корисници, што е за 16 проценти повеќе отколку пред една година. Бројот на оние кои секој ден го користат Фејсбук во последниот квартал од 2013-та година порасна од 58,3 на 61,5 проценти.

Symbolbild Twitter und Facebook

По падот на вредноста на акциите, Фејсбук сега бележи раст

Но, за да заработува и на смартфоните, преку податоците на своите корисници, менаџментот околу шефот Марк Закерберг мораше претходно дебело да инвестира. На крајот, шефот беше задоволен со резултатите. „Ова беше величенствен крај на годината за Фејсбук“, заклучи Закерберг.

Акциите на Фејсбук скокнаа на берзите за 12 проценти и сега вредат 60 долари. Тоа речиси е рекордна висина. Но, Фејсбук имаше и свои падови, како на пример во мај 2012-та година, кога неговите акции паднаа на 38 долари. Во еден момент тие дури имаа и рекордно ниска вредност од 18 долари!

Фејсбук е основан на 4.02.2004 година од страна на Марк Закерберг и неговите колеги од факултет во неговиот стан, додека студирал на елитниот Харвард. „Се радуваме на нашата втора деценија“, порача Закерберг. Желбите на Фејсбук за роденден се да го вмрежи и „остатокот од светот“.