Феноменот Шалке, кралот Раул | Теми | DW | 14.04.2011
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Феноменот Шалке, кралот Раул

Германија е во занес по втората победа (2:1) во рок од 7 дена на фудбалерите на Шалке 04 против бранителот на титулата во Лигата на шампионите, Интер. Шалке за првпат во својата историја е во полуфиналето на лигата.

default

Раул

Германските медиуми денеска еуфорично се расфрлаат со епитетот „кралски“ во прилозите за историскиот успех на фудбалерите на Шалке во Лигата на шампионите. Имено бојата на дресовите на Шалке отсекогаш се нарекувала „кралско- сина“ а и синоним за Лигата на шампионите во Германија отсекогаш бил „кралска класа“, меѓутоа Шалке сега во своите редови го има Раул Гонзалес најдобриот стрелец во историјата на најпрестижното клупско натпреварување. Тој синоќа одигра извонреден натпревар и со еден гол и една асистенција практично му пресуди на бранителот на титулата, Интер од Милано, и поттикна вознесеност кај германските новинари.

Славење на Сењор Раул

Fussball Champions League Schalke 04 gegen Inter Mailand

Раул и соиграчите го слават голот за 1:0

Највпечатлив и „кралски“ накитен е насловот со кој весникот Хамбургер Абендблад, ја слави победата на Раул и Шалке: „Раул- кралско-синиот крал на кралската класа“. Воодушевен од играта на напаѓачот кој досега има постигнато 73 гола во Лигата на шампионите, е и неговиот тренер Ралф Рањик. Тој се разбира со далеку поголема прибраност по мечот истакна:

„Важно беше екипата да игра на начин на кој тој може да ги прикаже своите способности, и тоа и се случи денеска. Она што посебно ме воодушевува кај Раул е фактот дека тој се гледа себеси како дел од екипата и така и игра, што впрочем можеше да се види во секоја фаза од натпреварот“ .

Шалке значи успеа и по вторпат да слави против Интер, за кој во второто полувреме настапи и македонскиот репрезентативец Горан Пандев. Меѓутоа тој како впрочем и целиот тим не можеше ниту да ги помириса моментите на славје од Минхен, каде во осминафиналето беше елиминиран Бајерн, што беше поттик за германските медиуми за закачка до Минхенчани. „Бајерн гледај- Вака се прави тоа“, напиша денеска неделникот Фокус.

Шанса постои и против фаворитот Манчестер Јунајтед

Fussball Champions League Schalke 04 gegen Inter Mailand

Самуел Ето и Интер немоќни и во двата дуела

Тимот на Шалке сега во полуфиналето го очекува двомеч со англискиот гигант Манчестер Јунајтед. Уште еден нерамноправен дуел, барем на хартија.

„Ние со сигурност сме аутсајдери, но и во овие натпревари постои шанса, ако се’ се совпадне отимално, дури и да се влезе во финалето. И ние ќе ја бараме оваа шанса кога ќе се играат мечевите“, изјави тренерот Рањик.

Второто полуфинале е вистинска закуска. Двапати „Ел Класико“. Меѓутоа покрај во двомечот за пласманот во европското финале, Барселона и Реал Мадрид, претходно ќе играат уште двапати- оваа сабота во Примера лигата и наредната среда во финалето на Купот на Шпанија.

Автор: Симе Недевски/дв/дпа

Редактор: Трајче Тосев