1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Федерални резерви - сто години под притисок за пари

Федералниот резервен систем веќе 100 години го надгледува доларот. Одлуките на најмоќната централна банка во светот можат да ја поттикнат или стресат светската економија. На роденденот има и извици на негодување.

Белата и силно обезбедувана зграда зрачи со енергија. Таа се наоѓа недалеку од Белата куќа и Министерството за финансии. Кој во неа работи, тој внимава на доларот. Оваа зграда за многумина во Вашингтон е мистерија. „Не знам каква е оваа зграда“, вели еден минувач, кој не е единствен со ваков одговор. Малкумина минувачи го забележуваат тенкиот натпис. „Ах, ова се Федералните резерви“, вели еден маж и додава: „Тука работи Берненки, зарем не?“ Една жена се согласува со тоа. „Ова е Централната банка на САД. Бен Берненки е нејзиниот сегашен шеф“, вели жената. А, вработен во оваа институција се надоврзува: „Тука се креира монетарната политика“.

USA Federal Reserve Vorsitzender Ben Bernanke Fed Wirtschaft Washington

Бен Берненки

А, тоа е така од пред точно сто години. Но, и на роденденот на најмоќната Централна банка во светот многумина извикуваат со негодување. Таа е родена по една од најтешките финансиски кризи во САД - „Големата паника“ од 1907 година. По оваа криза група на моќни банкари на островот Џекил во Џорџија смислија закон, кој стана реалност на 23 декември 1913 година со помош на претседателот Вудро Вилсон. Демократот всушност направил пакт со банкарите ЈП Морган и Џон. Д. Рокфелер. Тие му помогнале да дојде до победата, а тој ним да создадат Централна банка. Подоцна Вилсон во својот дневник ќе забележи:

„Јас несвесно ја руинирав мојата земја. Една голема индустриска нација ќе биде контролирана од својот кредитен систем... Сите наши активности се во рацете на неколку луѓе“.

Федералниот резервен систем ги држи конците

Законот за Федералните резерви всушност ја стави контролата на американскиот долар во рацете на приватните банкари. Тие ги влечат конците од централната институција во Вашингтон, која има 12 филијали во земјата. Федералните резерви би требале да бидат последната кредитна инстанца за банкарскиот систем и тие би требале да се независни од политиката.

„Првичната цел на овој голем експеримент, односно на основањето на Федералните резерви, беше одбрана на стабилноста на доларот“, вели сегашниот шеф на Федералните резерви Берненке. Според него, овој голем експеримент со текот на децениите се справувал со дополнителни предизвици, како што беше „големата рецесија во 30-ите години, големата инфлација во 70-ите или големата рецесија како резултат на финансиската криза од 2008-ма година“.

Janet Yellen US FED 14.11.2013

Џенет Јелен

Но, критичарите на оваа банка ја обвинуваат дека таа со своите погрешни одлуки придонела за оваа криза. На Федералните резерви им се забележува дека се мешаат во политиката. На поранешниот шеф на оваа институција Алан Гринспан не само што му се префрла дека најновиот „меур со недвижности“ не го предвидел, туку дека со својата монетарна политика и го поттикнал. Тоа доведе до најтешката финансиска криза од Втората светска војна.

А, централната банка има двоен мандат - таа не само што промовира стабилност на цените, туку и поттикнува целосна вработеност.

„Мислам дека економските флуктуации се предизвикани од Федералните резерви. Ако Федералните резерви манипулираат со монетарните резерви како што сите гледаме дека прават, тогаш тоа ги прави потешки економските пресметки“, смета директорот на институтот „Като“, Џон Алисон. Тој има радикален предлог за решение: „Јас би ги укинал Федералните резерви“.

За истото со години се залагаат и бројни политичари, пред се’ од десницата, кои сакаат Федералните резерви порадо денеска, отколку утре да бидат затворени. Други сметаат дека Федералните резерви без исклучок би требале да се концентрираат на борбата со инфлацијата и да се тргнат настрана од политиката на пазарот на труд. Со тоа ќе треба да се справува новата шефица Џенет Јелен, која ќе биде првата жена на врвот на Федералните резерви и ќе го замени Берненки на таа позиција на крајот на јануари.