1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Федерализација - мит или игра за трето полувреме

Изјавите за поделби, федерализации и Големи Албании, се само потези за одмерување на вербалниот патриото-метар, смируваат аналитичарите во Македонија.

Мајоризација + дезинтеграција = федерализација. Ова не е графит, туку се’ почест рефрен на македонската политичка сцена. Темата доби гласност во екот на неодамнешната владина криза во Македонија, кога поранешниот албански премиер, Пандели Мајко, изјави дека Македонија е веќе федерализирана. „Политиката во Македонија има федерална форма и постои како џентлaменска неформалност - Албанците владеат со Албанците, а Македонците со своите. Тоа ни најмалку не е здраво за функционирањето на една држава. Македонија има потреба од реформатори, а не од политичари 'чувари'", оцени Мајко.

Дилемите на Џафери

Но, изјавите на еден поранешен албански премиер не ги вознемируваат толку граѓаните, колку изјавите на актуелниот македонски вицепремиер. Се' уште не стивнуваат реакциите на Обединетата македонска дијаспора (ОМД) по гостувањето на вицепремиерот Муса Џафери на Универзитетот „Џон Хопкинс" во Вашингтон. Според ОМД, Џафери таму изјавил дека „најголемата дилема што произлегува од Рамковниот договор е прашањето - дали Македонија подобро би се соочила со предизвиците преку децентрализација или федерализација". Тој изразил и лични сомнежи дека Рамковниот договор не ги задоволува потребите на граѓаните.
„Граѓанска должност на Џафери е да го промовира унитарниот карактер на земјата. Македонија е мултикултурно општество кое се стреми кон заштита на правата на сите малцинства што живеат на нејзината територија", вели претседателот на ОМД, Методија Колоски.

Иако изјавата на Џафери беше дадена во време на кризата во владејачката коалиција, идејата за федерализација не е ставена ad acta ни по одлуката ДУИ да остане во владата.

„ДУИ останува посветена на имплементација на Рамковниот договор, но ако некој се осмели да ги поништи неговите принципи, воспоставувајќи мајоризација по етничка основа, тогаш логично е Албанците да бараат нови механизми на одбрана", вели портпаролот на партијата, Бујар Османи.

Спас во еу-сферата

Авторство врз идејата за федерализација нема само една партија во албанскиот блок. Уште пред неколку месеци лидерот на Националната демократска преродба, Руфи Османи, изјави дека Охридскиот договор не е крајна цел на Албанците во Македонија. „Постои незадоволство кај Албанците од нивниот политички и правен статус. Нашата идеја за институционална или нетериторијална федерализација не е во спротивност со аспирациите на македонскиот народ да има своја национална држава. Таа истовремено би била и држава на албанскиот народ од Македонија. Преку консензуална демократија би се носеле стратегиски одлуки за развојот на земјата, за регионалните паритети и за поголема автономија на локално ниво", изјави Османи.

Од неговата партија произлегоа предлози за распределба на буџетот по етнички принцип, а на минатонеделната седница за интерпелација на владата, беа искажани и забелешки за помали буџети во ресорите на министрите Албанци. Економските експерти велат дека распределбата на народните пари по етнички или територијален принцип е политички концепт за федерализација на државата. За нив е неприфатлива идејата економскиот систем да биде нарушен со критериуми што не се дел од макроекономската и од фискалната политика.

Дел од аналитичарите, пак, оценуваат дека изјавите за поделба, федерализации и Големи Албании, се само потези за одмерување на вербалниот патриото-метар. Арсим Зеколи, поранешен македонски дипломат, смета дека она што е најизвесно, е создавањето на албаносфера. „Дефиницијата на Тим Џуда за југосферата важи и за албаносферата, а тоа е заедничко искуство во трговијата, стопанството, јазични блискости, споделени стравови и надежи. Албаносферата е всушност контрапункт на идејата за Голема Албанија, која заговара физичка, политичка и безбедносна реконфигурација на теренот, а се храни од сиромаштија, изолација и од бесперспективноста на населението", објаснува Зеколи. Според политиколозите, сите приказни за федерализација или за големи држави ќе завршат кога Македонија и de jure ќе стане дел од ЕУ-сферата.