1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ФБИ ги објави фотографиите на осомничените за нападот во Бостон

Американското Федерално истражно биро откри двајца осомничени за бомбашкиот напад во Бостон и одлучи нивните фотографии да ги сподели со јавноста во надеж дека ќе добие повеќе информации.

Mалку матните, но доволно детални фотографии, прикажуваат двајца млади луѓе, едниот со црна, а вториот со бела капа на главата, кои носат ранци на грбот и одат еден зад друг во близина на целната линија на бостонскиот маратон.

Пресвртот во истрагата се случи само три дена по нападот во кој загинаа три лица, а стотици беа повредени. Експертите на ФБИ анализирале илјадници официјални и аматерски фотографии и видео материјали од местото на настанот за да ги пронајдат виновниците за нападот.

Потврдено е дека лицето со белата капа ја оставил својата торба точно на местото каде што се случила втората експлозија.

„Некој ги познава овие луѓе како свои пријатели, соседи, соработници или членови на семејството. Иако ќе биде тешко, нацијата смета на оние кои имаат информации да ни ги достават“, изјави Ричард Делориер, главен агент на ФБИ во Бостон.

Очајнички обид?

Иако лицата делуваат како обични студенти, Делориер ги опишува како вооружени и екстремно опасни и ги повика граѓаните да не се обидуваат самите да ги совладаат доколку дојдат во контакт со нив. Од ФБИ засега одбиваат да даваат коментари за етничката припадност на осомничените.

„Би било несоодветно да се коментира за етничката припадност на луѓето затоа што тоа би можеле да одведе во погрешна насока“, изјавија од ФБИ.

Се очекува волуменот на информации драматично да се зголеми, бидејќи ќе се јават голем број граѓани кои ги познаваат, или мислат дека ги познаваат напаѓачите. Со објавувањето на снимките во ФБИ се надеваат дека ќе се појават употребливи индиции, а не само бескорисни информации. Властите ретко се одлучуваат да објават снимки на осомничени, затоа што на тој начин не само што се ризикува дека оние по кои се трага ќе бидат навреме информирани, туку и затоа што се губи елементот на изненадување. Најчесто, ваквиот начин на информирање на јавноста се користи како последно средство откако истрагата ќе дојде во ќорсокак.

Милиони повици

Само неколку минути по објавувањето на снимките, падна серверот на интернет-страницата на ФБИ, преоптоварен поради огромниот број посети.

USA Anschlag Boston Marathon Explosion Obama

Барак Обама

Поранешниот прв човек на канцеларијата на ФБИ во Њујорк, Џејмс Калстром вели дека во вакви случаи кога се бара помош од јавноста, пристигнуваат и до „еден милион повици“. „Но затоа имате илјада луѓе кои работат за вас“.

„Клучно е да се има систем на филтрирање. Ќе има многу нешта кои едноставно треба да се отстранат“, вели Калстром.

Снимките беа објавени само неколку часа по комеморацијата за загинатите која се одржа во бостонската катедрала во присуство на американскиот претседател Барак Обама. Тој им вети на присутните дека виновниците за нападот ќе биде брзо пронајдени.

Меѓу жртвите беа 8-годишно момче, 29- годишна девојка и 23- годишна кинеска студентка. Седум од повредените се& уште се наоѓаат во критична состојба.