1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Фајон: се бара начин за отстранување на грчката блокада на Македонија

Европските функционери водат преговори на различно ниво за отстранување на грчката блокада на почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, забележува за Дојче веле европратеничката Тања Фајон.

default

Фајон смета дека оваа година е од клучно значење и оти Македонија би требала да ги отвори преговорите, а во исто време да продолжи со процесот на реформи. Во разговорот за Дојче веле Фајон изразува надеж дека „Македонија ќе оди што е можно побрзо напред“ и забележува дека „тоа најмногу зависи од властите во Скопје“. Сепак, оценува: „името е најголем проблем и сите тоа го знаеме“.

„Јас очекувам дека можеби Грција, во оваа ситуација во која е денес, ќе најде некој нов момент да ја тргне оваа блокада на преговорите со Македонија. Поради тоа велам дека оваа година е можеби некоја нова прилика. Не само за Македонија, туку за целиот регион“, изјави европратеничката Тања Фајон за Дојче веле.

На прашањето дали треба европските функционери малку повеќе да ја притиснат Грција да попушти, кога е мала веројатноста дека сега ќе работи нешто друго, освен да ги решава своите проблеми, Фајон одговара:

„Секако. Европските функционери и политичари веќе сега водат различни преговори и дијалог на ниво на министри и лидери. Така што, зависи од грчката страна, зависи и од македонската страна, дали ќе се постигне некој договор. Се надевам дека ќе се постигне. Би било добро Македонија да ги почне овие преговори за влез во ЕУ и паралелно да го решава прашањето на името“.

Tanja Fajon, Mitglied des EU-Parlaments

Фајон вели дека единствен пат за напредок на Македонија е владата да слуша што мора да направи

Македонската влада мора да слуша што Брисел и’ забележува

Фајон нагласува дека „Македонија мора да продолжи со процесот на реформи“ и потсетува на критиките за правосудството, јавната администрација, независноста на медиумите, корупцијата и борбата против организираниот криминал.

„Сето тоа се многу сериозни работи и мислам дека владата треба да продолжи со овој процес на реформи. А, во секој случај, како што знаете повеќе пати во Европскиот парламент ги повикавме европските влади да почнат преговори со Македонија“, вели Фајон, укажувајќи дека македонската влада мора да слуша што и’ се кажува од Брисел.

„Тоа е единствениот пат за Македонија – македонската влада да слуша што мора да направи и што треба да направи за процесот кон ЕУ. Значајно е сите да знаат дека тие реформи кои треба вашата земја да ги постигне дека не се реформи за Брисел. Тоа се реформи за граѓаните и се значајни за напредок, за економски раст, за работни места и да биде подобар животот во Македонија“, укажува европратеничката Фајон.

Според неа проширувањето на ЕУ во ситуација во која „Европа е во многу тешка состојба, има економско-финансиска криза и владите имаат многу домашни, внатрешни проблеми“ проширувањето на ЕУ „не е веќе прва точка на дневниот ред“ на Унијата. Фајон укажува дека се потребни многу повеќе позитивни вести од регионот и оти „сите заедно треба да имаат аргументи за да продолжи понатаму процесот на проширување“. Сепак, европратеничката смета дека „годинава би можела да биде многу значајна за проширувањето и за Западениот Балкан“.

Црвенковски: Грција се противи на нашето право да избереме име

Wahlen in Mazedonien

Црвенковски: спорот за името зависи од Грција, а критиките од Брисел од погрешните политики на македонската влада

Фајон е една од учесниците на меѓународната конференција „Проширувањето на ЕУ: пат со постојани пречки?“ што се одржува во Скопје. На истата конференција лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски одговори на прашањето на што се должи долгиот застој во евроинтеграциите.

„Факт е дека Грција, спротивно на меѓународните принципи, се спротивставува на нашето суверено право сами да го избереме името на нашата земја, притоа злоупотребувајќи го своето право како членка на ЕУ и НАТО. Но, и покрај тоа, спорот е тука и наш клучен предизвик е неговото разрешување. Убеден сум дека со искрена политичка волја од двете страни, која за жал во изминатиот период недостасуваше, можно е решение на овој проблем. Ова е голем, но не и единствен предизвик во остварувањето на нашата европска агенда“, рече Црвенковски потсетувајќи на забелешките од ЕУ и оценувајќи дека лошите состојби во клучните области „се исклучиво резултат на погрешните политики дефинирани и спроведувани од владата на Република Македонија“.

Автор: Александар Методијев

Редактор: Александра Трајковска

Поврзана содржина