1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Фајон: Не очекувам опструкции за визната либерализација

Интервју со известувачот на Европскиот парламент за визната либерализација, словенечката европратеничка Тања Фајон околу декларацијата на ЕП за визна либерализација за Македонија, Србија и Црна Гора.

default

Тања Фајон

Дали очекувате изненадувања во однос на датумот 19 декември, кога советот на ЕУ ќе ја усвојува визната либерализација?

Фајон: Не, не очекувам изненадувања. Многу сум среќна што ова беше словенечка иницијатива и беше многу добро примена од сите земји членки на ЕУ. Доказ е и декларацијата што ја усвоивме во Европскиот парламент. Во оваа заедничка писмена декларација меѓу Европскиот парламент и Советот има јасна порака во која се поздравува приемот на Македонија, Србија и Црна Гора во безвизниот режим од 19 декември. Оваа декларација доби и многу добра поддршка во Европската комисија, така што не очекуваме поголеми проблеми при гласањето на 30 ноември.

Како дојдовте до оваа заедничка декларација?

Фајон: Одамна веќе преговаравме за ова. Извештајот кој јас го подготвував е само консултативен извештај. Тоа значи дека Советот може да го прифати, но не мора. Затоа сакав да добијам силна вистинска заложба во оваа декларација, испреговарана со Советот, со Комисијата и со Парламентот. Значи, сите три институции дадоа јасна заложба за натамошната визна либерализација, исто така за Босна и Херцеговина и за Албанија. И се разбира, уште еднаш ги поздравија Македонија, Србија и Црна Гора на 19 декември во слободниот визен режим.

Дали очекувате опструкции од страна на Грција кон Македонија во Советот?

Фајон: Не очекувам опструкции во врска со визната либерализација. Мислам дека преговорите меѓу Македонија и Грција за името се одвоени од процесот на визна либерализација за кој има целосна согласност од земјите членки и уште еднаш - не очекувам на 30 ноември во Советот да доживееме поголеми изненадувања.

Што ќе биде со Косово?

Фајон: Многу јасно порачавме и многу сум среќна што успеавме да додадеме специјален амандман за Косово во извештајот, дека мораме што поскоро да најдеме решение за луѓето кои живеат на Косово, да се започне дијалог, да се најде начин да се влезе во процесот на визна либерализација со Косово.

Дали добивте гаранции од македонска страна дека нема да се издаваат македонски пасоши за граѓаните на Косово откако ќе стапи на сила безвизниот режим?

Фајон: Јас имам гаранции дека сите процедури и сите критериуми поставени од страна на Европската комисија за Македонија за процесот на визна либерализација се целосно исполнети, така што не очекувам ниеден поголем проблем.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM