1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ФАЦ: „Македонија заслужува членство во НАТО“

Угледниот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ објавува денеска подолг авторски текст на македонскиот премиер Никола Груевски во врска со блокадата на членството на Македонија во НАТО.

default

Никола Груевски

„Веројатно многумина Германци до неодамна, кога нашите репрезентации одиграа меѓусебен дуел за памтење, имаа малку слушнато за нашата земја. Ракометните ѕвезди покажаа дека еднаквоста и праведноста важат за сите, а успехот зависи само од сопствените напори. На едно друго поле меѓутоа, за нас, за жал, не важат истите правила како и за сите други: Македонија ги исполнува сите критериуми за прием во НАТО, тоа Алијансата го потврди на самитот во 2008 во Букурешт. Па сепак, земјата не смее да припаѓа таму. Македонија е де факто член на НАТО, но де јуре не е“.

Вака започнува подолгиот текст во кој Груевски потоа наведува дека членството останува стратегиска цел на владата, а тоа го подржуваат и 85 проценти од населението. Тој укажува и на ангажманите на македонските војници во Ирак и Авганистан, за да дојде до прашањето зошто, тогаш, Македонија не е член на Алијансата и го нуди одговорот: „Оти ние сме заложници на еден бесмислен, беспримерен спор. (...) Само затоа што Грција има нешто против името на нашата држава, кое никому не му наштетува и за кое ние не бараме никаква ексклузивност. Грците имаат проблем со нашиот идентитет, со името на нашата нација и нашиот јазик. (...) Грција го спречи нашиот пристап кон НАТОиако беше јасно дека не смееше, оти ние ќе пристапевме под референцното име што ни го определија ОН“.

Македонскиот премиер потоа се задржува на Привремената спогодба од 1995, за која, како што вели, „ние ги променивме државното знаме и уставот и се откажавме од грижата за нашето малцинство, со единствена цел Грција да не ни се препречи на патот кон членство во меѓународните организации. Таа се обврза на тоа“.

Тужба пред МСП

Груевски ги запознава читателите и како дојде до тужбата на Македонија пред Меѓународниот суд на правдата, како и со содржината на пресудата и констатацијата дека Македонија на никаков начин не ја повредила спогодбата и секогаш покажувала добра волја. „Со тоа Судот стави точка на сите дипломатски обиди на Грција нас да не прикаже како неконструктивна страна во преговорите. (...) Решение по прашањето за името како предуслов за членство на Македонија во НАТО претставува кршење на меѓународното право и непочитување на решението на Судот“, констатира Груевски, изразувајќи истовремено надеж дека Германија и другите земји на Алијансата ќе ги имаат предвид констатациите од пресудата. „Грција, згора на тоа, нема никаква причина да страхува од Република Македонија. Таа би требало да биде заинтересирана ние да му припаѓаме на истиот сојуз“, вели премиерот.

На крајот Груевски укажува дека членството на Македонија не би било на ничиј товар, оти семјата води усешна економска политика и тоа го илустрира со 22. место на списокот на Светската банка според деловната клима, како и дека зад Македонија се наоѓаат дури 19 земји-членки на ЕУ. Со задолжување кон странство со само 26 проценти од годишниот бруто домашен производ Македонија е втора најмалку задолжена земја во Европа, наведува премиерот и завршува: „’Ние сите живееме под исто небо, но не го имаме сите истиот хоризонт‘, рече Конрад Аденауер. Ние се надеваме дека германскиот и македонскиот хоризонт под чадор на НАТО ќе бидат исти“.

Нема спас за Грција

Со прашањето за праведност во трпењето на последиците во актуелната грчка криза се занимава „Зиддојче цајтунг“ во коментарот со наслов „Без спас“. Во него, покрај другото се вели:

„Сите анкети предвидуваат во иднина досега недоживеана политичка расцепканост. Во иднина многу мали, меѓу нив и радикални партии ќе мораат да се согласуваат на компромиси. Тоа не мора да е и толу лошо. Компромисот, порамнувањето на интересите, досега не спаѓаше меѓу грчките одлики. Можеби земјата во пад конечно ќе се обедини во една заедничка цел за обнова. Има доволно што треба да се направи. Државниот апарат има потреба од тотална санација, на приватното стопанство му треба повеќе воздух. Картелите, кои придонесоа многу секојдневни добра да бидат во Грција поскапи отколку во Германија, мора да бидат разбиени. Атина нема да успее самата да го стори сето тоа. Помошта од Европа ќе остане крајно неопходна, инаку во Грција една цела генерација може да биде загубена за европската идеја“.

Кратење на помошта

„Фајненшел Тајмс Дојчланд“ (ФТД) известува дека германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле планира да одобри на располагање само 30 од предвидените 130 милијарди евра помош за Грција, за кои сега се преговара. „Со тоа Германија би можела по којзнае кој пат да добие време - или за од Грција во меѓувреме да издејствува натамошни напори за штедење или дури и за да подготви подоцнежен државен банкрот. Поделбата на операцијата за помош во два чекора, според информациите на ФТД, била усогласена со Холандија и Финска. (...) Зад одолговлекувањето стои стравувањето дека канцеларот Ангела Меркел по двегодишната грчка мизерија не би можела да добие мнозинство за целиот пакет од црно-ќолтата коалиција. Освен тоа улога игра и терминот на француските претседателски избори: до 6, мај Грција, според волјата на Меркел, во секој случај треба да се одржува на површината, за да не ги загрози шансите на Никола Саркози. Потоа наново ќе се размисли , се вели од раководството на фракцијата на Унијата (ЦДУ/ЦСУ, н.з.)“, пишува ФТД.

Автор: Зоран Јордановски/фац/зц/фтд

Редактор: Борис Георгиевски

Поврзана содржина