1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Фатално наследство

На 30.04.1975 од Виетнам се повлекоа и последните припадници на американските трупи. Градот Сајгон, кој беше последен бастион на Американците, падна. Војната заврши, но земјата и денес трпи последици.

default

Денот кога се вратил од војната почнал како и секој друг ден во животот на Ле Киен. Селанецот засадил полиња со ориз и направил градина за зеленчук, а секојдневно одел и на работа. Така било и пред 20 години: „Работев во градината, ќерка ми имаше 4 години и секогаш доаѓаше со мене во градината. Одеднаш со мотиката погодив бомба. Ќерка ми беше мртва на лице место, а јас бев тешко повреден. Не ја видов бомбата. Бомбата беше малку под површината на земјата во мојата градина.“

Minen-Typen der US-Armee in Vietnam, Militärmuseum Hanoi Vietnam

Типови на американски мини во Виетнам

Војната, чија жртва е ќерката на Ле Киен, во тоа време била веќе 15 години завршена. Линијата на фронтот меѓу северен и јужен Виетнам, во текот на војната, била недалеку од куќата на Киен. Со освојувањето на Сајгон, во 1975 година, од страна на комунистичкиот север, војната заврши, а американските трупи се повлекоа. Но, на селаните на некогашниот фронт, како Киен и неговата сопруга Нгујен Ти Хуонг, војната им остави фатално наследство: „Несреќи имало секогаш. Само еден месец пред да загине ќерката, еден човек ја загуби раката при работа.“

Мините ќе се чистат уште два века?!

За време на виетнамската војна, во провинцијата Куанг Три паднаа повеќе бомби отколку во Европа во текот на Втората светска војна, а провинцијата е голема колку една шестина од Белгија. Куанг Три е провинција каде има најмногу муниција, но и во целиот Виетнам се‘ уште може да се најдат остатоци од војната - неексплодирани гранати, тенковски мини, бомби и распрскувачка муниција.

Mitarbeiter von Renew warten auf das Ende des Regens Vietnam

Соработниците на „Рињу“

Поручникот Хоанг Трунг Ха и‘ припаѓа на една единица за деминирање на виетнамската армија: „Армијата во случај на големи проекти ја расчистува околината, како кога има големи градилишта или инфраструктурни проекти. Мислам дека за да се расчистат мините од целата земја, ќе минат уште 200 до 300 години.“

За Динх Нгок Ву и неговите луѓе, крајот на овие 200-300 години се продолжува за уште еден ден. Ву работи за цивилна програма за расчистување на мините. Проектот „Рињу“ се занимава со нагазните мини. Ако некој на своето земјиште пронајде сомнителни објекти, ги повикува Ву и неговиот тим да деминираат. Тие носат униформи со боја на песок и гумени чизми, но денес нема да работат, зашто кога врне е опасно. Дотолку повеќе работа има откако дождот ќе престане: „Дождот ќе извлече на површина многу од нагазните мини. Голем дел од муницијата се‘ уште се наоѓа веднаш под површината на земјата и луѓето ја наоѓаат кога работат на полињата. Дел од муницијата е веќе преместена, луѓето ја нашле пред години и ја фрлиле во грмушките, а таму сега ја наоѓа некој трет. Ние се грижиме за такви ситуации.“

Остатоците од војната се насекаде

И без дожд, кој наесен и во зима понекогаш паѓа со денови во провинцијата Куанг Три, тешко може да се најде друг описен збор за овој регион освен - тажен. 35 години по нападите со „Ејџент оринџ“, средство за уништување на зеленилото, растенијата повторно растат, но вегетацијата и натаму делува ретка. На улиците има само ретки ниски дрвја и многу грмушки. Остатоците од војната се насекаде во земјата.

Im Pickup-Truck sind die wichtigsten Werkzeuge zum Minenräumen Vietnam

Во камионот се сите потребни алати за деминирање

„Кога би се работело за мински полиња, тогаш луѓето би можеле едноставно да ги одбегнуваат, но ние имаме друг проблем. Кај нас има нагазни мини и бомби насекаде. Во 83 проценти од провинцијата има муниција. Луѓето мораат да работат на своите полиња и можат само да се надеваат на најдоброто. Секој месец и ден-денеска се случуваат несреќи.“

Кога Ле Киен ја погодил бомбата со мотиката, жена му била дома. Таа се стрчала кон местото на несреќата, а потоа дошле и соседите и помогнале при транспортот во болница.

„Кога подоцна ми рекоа дека ќерка ми е мртва, а мажот ми загубил една нога, се онесвестив. Ослабев и станав депресивна. Не можев да сторам ништо за моето семејство.“

Денес семејството има три деца, а девојчето што загинало било најстарото. Киен по многу години добил протеза од некоја хуманитарна организација и можел повторно да работи. Во меѓувреме, тој е нешто како глас на жртвите на мински несреќи во Виетнам. Минатата година со сопругата отпатувал на Бали за, на една меѓународна конференција, да бара забрана за употреба на распрснувачки бомби. Ле Киен се‘ уште се издржува од работата на поле, како селанец.

Автор: Матијас Белингер / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска