1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Фали го приватниот сектор, вработувај се во државниот

Владината мерка за вработување 1.600 лица од ранливи социјални групи, ги подели економистите - едни ја поздравуваат, други потсетуваат дека администрацијата е прегломазна

default

Во Македонија најпосакувана дестинација за сигурна егзистенција од вработување до пензија - е администрацијата. Со новата владина мерка, шанса да го остварат тој сон добија 1.600 лица од социјално загрозени семејства, во четири категории - невработени над десет години, лица од многудетни семејства, самохрани родители и лица од семејства без ниту еден вработен.

Премиерот Груевски е уверен дека владината мерка решава еден горлив проблем со кој се соочуваат оваи граѓани.
„Свесен сум дека со ова нема да ги решиме сите проблеми во оваа социјална категорија, бидејќи бројката што може да ја прими државната администрација во овој момент е ограничена. Но ќе им излеземе во пресрет на дел од оние што се најзагрозени, за да се вработат, да се обучат и да се стават во корист на работењето на институциите", изјави Груевски.

Граѓаните од овие социјални групи го поздравуваат потегот на Владата, во надеж дека еден ден и нив ќе им дојде редот да ги почувствуваат благодетите од оваа мерка. Економистите, пак, се поделени меѓу сочувството со состојбата на овие лица и суровиот податок дека вработувањата во јавната администрација само го цедат буџетот, од кој за плати на бирократскиот апарат на годишно ниво се

Zoran Stavreski Vize Ministerpräsident Mazedonien

Зоран Ставрески

трошат повеќе од 350 милиони евра.

Потег за поздравување

Марјан Николов, претседател на Центарот за економски анализи вели дека мерката е за поздравување, бидејќи води сметка за инклузијата на оние категории кои имаат тешкотии во партиципирањето на пазарот на работна сила.

„Оваа мерка и натаму треба да се практикува од Владата според нејзините потреби во администрацијата, а не да биде инцидентна, во согласност со логиката дека таму каде што има пазарни неуспеси, таму е потребна улогата на Владата. Но, за да може да се извлече максимум ефикасност од овој потег, претпоставувам дека тие лица ќе бидат ангажирани на работни места соодветни на нивното знаење и квалификации. Во спротивно, потребно е Владата да им организира и дополнителни обуки", сугерира Николов.

Универзитетскиот професор, Зоран Ивановски, потсетува дека оваа мерка е насочена кон ублажување на невработеноста, во услови кога националната економија не генерира дополнителна понуда на нови работни места.

„Станува збор за решавање на прашање од областа на социјалната политика со административни мерки и 'гаснење' на најгорливото прашање за македонското општество. Ваквата мерка ќе предизвика дополнително оптоварување за буџетот и нема значително да влијае на подобрување на стапката на вработеност. Од осамостојувањето на државата до денес, вакви потези на власта се често применувани и влијаеле на високиот раст на и онака гломазната јавна администрација. Прашањето е - дали капацитетот на проектираниот буџет и ниската стапка на очекуван раст на македонската економија, ќе овозможат одржливост на ваквите мерки на долг рок, во услови кога приватните инвестиции апстинираат", прашува Ивановски.

Symbolbild Arbeit Stress Ordnerstapel workaholic

Македонија со години добива критики од ЕУ за превработена и неефикасна администрација, но и покрај тоа бројот на вработени во државниот сектор расте. Точната бројка не е позната, поради административно префлање на разни категории вработени надвор од државниот сектор. Според некои податоци во администрацијата има 110.000 вработени, според други, плата од државата земаат околу 160.000 или секој четврти вработен во земјата.

Апсурдна мерка

Поранешниот министер за финансии, Никола Поповски, во овој потег гледа „уште една од многуте апсурдни мерки на Владата".

„Прво, во превработената државна администрација апсурдно е да се вработуваат нови 1.600 лица по која било основа, бидејќи администрацијата во Македонија треба да се намали. Второ, апсурдно е со такви вработувања да се решаваат социјални тешкотии на одредени лица, бидејќи на државните органи им се потребни стручни, способни и образовани лица, а не лица што задоволуваат критериуми за кои треба да се води активна социјална политика. Трето, дали ваквата мерка е во согласност и со законот, според кој, за вработување во државната администрација сите имаат право на еднаков пристап и еднакви шанси, а во овој случај сите лица кои не се социјални случаи се директно дискриминирани", укажува Поповски.

Nikola Popovski

Никола Поповски

Според него, мерката нема никаква економска оправданост, а постои опасност под нејзиниот плашт, всушност да се вработат 1.600 членови на владејачката партија, во вид на награда за нивните активности на штотуку завршените локални избори.

Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставревски, изјави дека целта на владината мерка e да им се овозможи на овие лица да излезат од сиромаштијата и да им обезбедат егзистенција на своите деца. Процентот на сиромаштија во Македонија, во зависност од статистичката методологија, се движи од 27 до 31 отсто. 
Владата и претходно промовираше неколку мерки за стимулирање на вработување и самовработување. Се нудат грантови од по 3.000 евра за самовработување на 1.000 лица, субвенции за вработување со месечна поддршка од 13.000 денари за 6 месеци по работник и субвенции за вработувања на лица со инвалидитет во висина од 20 или 40 просечни плати доколку лицето работи 9 месеци. Државата ќе им го субвенционира на работодавците секое ново работно место во мали и средни претпријатија во висина од 92.000 денари по работник, а нуди и финансиска поддршка од 8.000 денари и придонеси во траење од 2 години за вработување на деца без родители во приватниот сектор.

Поврзана содржина