1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Факелот на хармонијата“ проследен со жестоки протести

Олимпискиот оган денеска (07.04.08) пристигнува во Париз. Три илјади полицајци треба да бидат гаранција дека нема да се повторат вчерашните слики од Лондон.

default

Во Париз се најавени протести на критичарите на кинеската политика кон Тибет. Борци за граѓански права тврдат дека протестите ќе бидат спектакуларни и ќе бидат насочени против политиката на кинеските власти во сферата на човековите права. Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Жак Роге, изрази длабока загриженост поради состојбата во Тибет. Тој во Пекинг рече дека меѓународната ситуација во врска со летните Олимписки игри кај него предизвикува грижа.

Раководството во Пекинг, пак, по вчершаните насилства за време на минувањето на олимпискиот оган низ Лондон, реагира со осуда. Портпарол на Кинескиот олимписки комитет, цитиран од државната агенција Ксинхуа, изјави дека „некои тибетански сепаратисти направиле обид да ја саботираат манифестацијата“ и дека нивното однесување е „одвратно“. Факелот кој треба да симболизира мир, пријателство и напредок, сега се транспортира низ светот под мерки на највисока безбедност. Медиумите контролирани од страна на државата го отсликуваат ставот на владата. Кинескиот младински весник, напиша: „Националниот олимписки комитет ги осудува сепаратистичките обиди на насилниците.“

Весникот „Глобал Тајмс“ на кинески јазик, коментира: „Вакви обиди водат кон тоа Кинезите во земјата и Кинезите кои живеат во странство да ги збијат редовите уште повеќе.“

Кај голем број Кинези расте националната гордост и омразата поради извештаите во странските медиуми. Во форумите за дискусија на интернет, можат да се прочитаат текстови со осуда на извештаите во странските меидуми. „Странските медиуми кажуваат невистини. Тие треба да се држат настрана што се однесува до Тибет, тоа е внатрешна работа на Кина“, гласи тенорот на повеќето коментари.

Далај Лама е обвинет за се‘

Кинеската влада секојдневно преку медиумите порачува: „Ќе победиме во борбата против Далај Лама“. Кина го обвинува Далај Лама за се‘ и не дозволува шоуто да и‘ пропадне поради него. Затоа, олимпискиот факел, симбол на мирот и пријателството, без оглед на меѓународните протести ќе го продолжи патувањето на хармонијата, како што тоа го нарече кинеската влада, во придружба на огромен број полицајци.