1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Фаворити на исто рамниште

Бранителот на титулата Шпанија и Германија важат за „најжешки“ кандидати за титулата на ЕУРО 2012 во Полска и во Украина. Германските фудбалери, велат стручњаците, според квалитетот ја достигнаа Шпанија.

Германија се’ уште има отворени сметки со Шпанија. Два горки пораза на двата последни големи турнира будат желба за реванш. Во директната споредба на екипите, момчињата на Јоахим Лев немаат причина да стравуваат од трет дуел.

Германија најнапред загуби во финалето на ЕП 2008. година, а потоа во финалето на СП 2010. година. Шпанците на тие два турнира ја освоија шампионската титула. Германија на СП во Јужноафриканската република беше трета, иако тимот на селекторот Јоахим Лев, според бројни стручњаци, играше најдобар фудбал на турнирот.

Меѓусебно почитување

Две години по последната средба, експертите овие два тима ги гледаат како рамноправни противници. И Шпанија и Германија победија во сите натпревари во квалификациите и затоа важат за фаворити за титулата првак на Европа. Жребката сакаше тие на ЕП во Полска и во Украина да можат да „налетаат“ едни на други дури во полуфиналето или во финалето, доколку двете репрезентации го освојат првото место во своите групи.

„Шпанија е секогаш мерката според која сите се ориентираат“, предупредува Јоахим Лев. Тој додава дека гледа знаци оти други селекции го достигнуваат квалитетот на Шпанија, и верува дека Германија е еден од тие тимови. Така смета и шпанскиот селектор Висенте дел Боске:

„Во Германија одлично работеа во изминатите десетина години. Тоа е видливо не само во сениорската репрезентација туку и на нивно на подмладокот. Лев оформи селекција во која се наоѓаат одлични фудбалери.“

Двајца од нив, Сами Кедира и Месут Езил, се дел од тимот на шпанскиот шампион Реал Мадрид.  Овие двајца и покрај тоа што бројни стручњаци сметаат дека нема да успеат, убедливо се пробија во првиот тим на Реал. Впрочем ако се спореди играчкиот кадар, тешко е да се најдат големи разлики меѓу овие два тима.

Одбрана со слабости

На голот на двата тима се првокласни голмани. Кај Шпанците Икер Касиљас е трипати избран за најдобар голман во светот, што го заслужи поради фантастичните рефлекси и одличните паради. Мануел Нојер на голот на германската репрезентација е помодерен голман. Тој честопати веќе од голманскиот простор со прецизни додавања ги воведува соиграчите во напад.

Одбраната на двата тима е нешто што им задава најмогу грижи на селекторите. Шпанија на ова ЕП допатува без повредениот Карлес Пујол, кој на СП во 2010 го постигна победоносниот гол против Германија. Тој ќе им недостасува на Шпанците со оглед дека неговиот партнер во одбраната Жерард Пике веќе со месеци не е во најдобра форма.

Но и германската одбрана на последните натпревари не изгледаше најсигурно. Селекторот Лев поради тоа во изминатите натпревари честопати ги менуваше одбранбените играчи, барајќи ја „добитната комбинација“.

Тика- така и молскавичен напад

И за Шпанија и за Германија важи дека редот за врска е најквалитетен дел на тимот. До топката тешко се приоѓа кога ќе ја преземат играчите на Барселона Андрес Ињеста, Чави и Ческ Фабрегас и кога ќе започнат со својата„тика- така“ игра на кратки и прецизни додавања. Но и германските играчи од средниот ред се вбројуваат меѓу светската класа. Нивна предност е брзото преминување од одбрана во напад. Езил е креативецот. Швајнштајгер е одличен и во офанзива и во одбрана. Средниот ред го надополнуваат Кедира, Подолски и Милер. Зад етаблираните првотимци во ред за настап веќе чекаат млади и талентирани ѕвезди како Марио Геце, Марко Ројс, Андре Ширле...

Докажани стрелци

Во нападот сите имиња се одамна познати. Фернандо Торес сепак не е во формата во која беше порано. Тежок удар за Шпанците сигурно претставува и повредата на Давид Виља. Наместо него тука се на пример Педро од Барселона или пак Фернандо Љоренте од Атлетик Билбао.

Германците надежи полагаат во Мирослав Клозе од Лацио, кому му недостасуваат уште само пет голови за да го достигне рекордот на славниот Герд Милер (68 голови за репрезентацијата). И Марио Гомез од Бајерн Минхен е во одлична форма и тоа го докажа како во Бундеслигата така и во Лигата на шампионите.