1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Фаворитите успешни на почетокот на квалификациите за ЕП 2008

Потфрли само светскиот првак во фудбал Италија. Шпанија стана светски првак во кошарка. Крај на кариерата на тенискиот великан Андре Агаси

Клозе во акција против ирската одбрана

Клозе во акција против ирската одбрана

Фаворитите ги забележија очекуваните победи на стартот од квалификациите за наредното Европско фудбалско првенство - резултатски најчесто не многу убедливо, но во преден план е единственото изненадување: Италија 55 денови по освојувањето на титулата светски првак, дома, пред 50 илјади гледачи во Неапол, мораше да се задоволи со нерешен резултат против Литванија, 65-та на ранг-листата на Светската фудбалска асоцијација.

Од учесниците на светското првенство, Србија со многу мака во Белград обезбеди минимална победа против Азербејџан, истото се однесува и за Чесите, кои и’ беа домаќини на селекцијата на Велс. Ни Холандија не отиде подалеку од минимална победа на гости кај фудбалски недораснатиот Луксембург, како ни Шведска во Рига против домаќинот Летонија. Полска дури дома е поразена од Финска со 3 спрема 1. Бранителот на европската титула Грција на гостувањето во Молдавија одвај во завршницата од средбата стигна до победа.

Французите без Зидан, но предводени од новиот диригент на играта Рибери, беа убедливи и на домаќинот Грузија не му дадоа ни за миг надежи за некаков успех, па сега посебно внимание привлекува наредниот дуел Франција – Италија, веќе в среда. За Шпанија дуелот со Лихтенштајн беше повеќе загревање. Англичаните беа ефикасни против Андора – посериозен тест за нив ќе биде гостувањето в среда во Скопје. Истовремено, по неколку забележителни резултати на пријателски натпревари, сега ќе се види колкав е напредокот на македонската селекција предводена од некогашниот југословенски ас Сречко Катанец како шеф на стручниот штаб.

Конечно, Германија: ги освои посакуваните три бода на стартот, в среда по средбата со Сан Марино на гости треба да бидат шест, што беше и планирано. Но, против Ирска победата не беше рутински остварена, туку со многу залагање. Ирците се традиционално незгоден противник за Германија – 27 години ги делат Германците од нивната последна победа против тој противник. Ирците играат до последен здив и максимално ангажирано. Тоа е едната страна на медалот.

Другата е дека речиси половина час Германците не можеа да ги поврзат редовите. Потоа веќе работите тргнаа според очекуваниот ред, иако изостана прецизност во завршницата од нападите, па наместо резултатски убедлива победа, и играчите, како и навивачите до последен момент мораа да страхуваат од некакво непријатно изненадување. „Моравме малку порано да го решиме натпреварот. Вака и во последната минута по еден корнер беше по малку опасно. Ние моравме да дадеме и втор гол, тогаш ќе беше малку помирно“ – рече Бастијан Швајнштајгер, кој во финишот од слободен удар ја погоди стативата.

Но, како што рече сојузниот тренер Јоахим Лев - „понекогаш и од тешко породување излегува убаво дете“. „Да, точно е дека на почетокот ние не влеговме вистински во дуели, а не можевме ни да се ослободиме за игра во напад. Но, Ирците играа со со два дефанзивни реда од по четворица играчи, далеку повлечени, а потоа секогаш упатуваа долги топки. Ние моравме постојано одзади да започнуваме да градиме напади и тогаш налетувавме на ѕид; значи, денеска не беше едноставно. Дури во текот на првото полувреме малку ја ослободивме нашата игра“ – анализираше Јоахим Лев по натпреварот.

Германија играше и со нова одбранбена формација – во отсуство на повредените Мецелдер, Мертесакер, Хут и Новотни, централни одбранбени играчи беа Мануел Фридрих и Арне Фридрих, кои за прв пат играа во тандем – и, за среќа, добро ја извршија задачата. Лукас Подолски го реши натпреварот, навистина со асистенција на Роби Кин, кој и’ го смени правецот на движење на топката. Колку беше за него битен тој момент, со оглед на серијата натпревари во кои не ја затресе мрежата, а и дека во неговиот нов тим Баерн сега е само резерва? „За мене ова не беше ослободувачки момент, оти знаев дека кога и да е повторно ќе дадам гол и тука не гледав никаков проблем. А за тимот – ние знаеме што можеме и со малку повеќе среќа требаше поубедливо да победиме“ – рече Подолски.

Атмосферата во Штутгарт, каде Германија пред неполни два месеца го обезбеди бронзениот медал на последното светско првенство, потсети на тие денови: на исполнетите трибини море од германски знамиња, шалови, дресови, 40 илјади луѓе на паблик вјуинг – јавен пренос од средбата во центарот на градот. „Тоа се чувствува насекаде, каде е репрезентацијата. На оваа екипа и’ успеа да создаде неверојатно висока идентификација со навивачите. Прекрасно е дека луѓето толку постојано не бодреа и не носеа и мора и врз нас да се пренесе таа еуфорија“ – вели Лев.

Прва титула светски првак во кошарка за Шпанија

Шпанија за прв пат стана светски првак во кошарка и истовремено е првиот тим што обезбеди учество на наредите олимписки игри во Пекинг 2008-ма. Финалето во Саитама - Јапонија, помина неочекувано лесно за Шпанците, противникот Грција не даде посериозен отпор. Веќе на полувремето разликата изнесуваше 20 поени, на крајот беа 23, односно 70 спрема 47. За Шпанија ова е извонредна подлога и за организацијата на наредното Европско првенство во 2007-ма година, чиј домаќин ќе биде.

Бронзата на светското првенство ја освоија фаворизираните Американци по победата над олимпискиот првак Аргентина со 96 спрема 81. Европскиот вицешампион Германија светското првенство го заврши како осмопласирана.

Овации за Андре Агаси на неговиот последен настап

Блескавата кариера на Андре Агаси заврши во третото коло на

Отвореното тениско првенство на САД. 36-годишниот Агаси уште во јуни најави дека ова ќе му биде последниот турнир. На патот кон спортски повеличествено проштевање му се препречија силните болки во грбот за време на турнирот, како и 25-годишниот германски тенисер Бенјамин Бекер, кој преку квалификации се избори за настап и го победи Агаси со 3 спрема 1 во сетови. Агаси беше со овации поздравен од 23 илјади гледачи во стадионот „Артур Еш“, најголемата тениска арена на светот. Некогашниот број 1 од светската ранг-листа во кариерата осум пати победуваше на грен-слем турнири, од тоа два пати на УС-опен. „Седев овде и сфаќав дека велам збогум на сите и тие ми велеа збогум. Тоа беше нужно зло. Си помислив: тоа е тоа“ – рече Агаси на прес-конференцијата.

Бронза за Мајклс-Беербаум на крајот од СП во јавање

Во Ахен завршија Светските јавачки игри, како што се вика светското првенство во коњички спорт. На последниот ден Белгиецот Јос Лансинк го освои златниот медал во коњички скокови преку пречки, сребрениот и’ припадна на Американската Бизи Мејден - само затоа што беше 66 стотинки побрза од германската претставничка Мередит Мајклс-Беербаум, која мораше да се задоволи со бронзениот – инаку обете соборија по една пречка.

Пауел, Воринер и Ричардс непоразени на Гран-при митинзите

Со победите што ги постигнаа во своите дисциплини на атлетскиот митинг во Берлин, спринтерот на 100 метри Асафа Пауел од Јамајка, 400-метрашите, Американците Џереми Воринер и Сања Ричардс, останаа непоразени во оваа сезона на Гран-при митинзите и го поделија џек-потот, освојувајќи секој злато во вредност од 250 илјади долари. Пауел со 9 секунди и 86 стотинки по 11-ти пат во сезонава под регуларни услови истрча под 10 секунди, што досега не му успеа на ниеден атлетичар.

По 83 илјади 333 долари, за по пет победи на годинашните гран-при митинзи, освоија Тирунеш Диба, алетичарка од Етиопија на 5 илјади метри, олимпискиот шампион на 10 илјади метри Кенениса Бекеле и Ирвин Саладино од Панама во скок во далечина,.

Ќе се повлече ли М. Шумахер?

37-годишниот Михаел Шумахер, седумкратен светски првак, најави дека на викендот, на трката за Големата награда на Италија во Монца, ќе биде познато дали ќе ја продолжи кариерата како возач во автомобилизам формула еден. Неговиот договор со „Ферари“ истекува на крајот од годинава. Шумахер веќе 16 сезони вози во формула еден.