1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Уште пари за Грција да не банкротира

На Грција ќе и’ треба нова финансиска помош од 90 милијарди евра. Европските политичари расправаат за распределба на товарот. Жан-Клод Јункер бара да се вклучат и банките, а не цел товар да го носат даночните обврзници.

default

Европските министри за финансии сметаат дека Грција може да ја надмине должничката криза доколку се придржува до финансиските и економски реформи што ги договори со ЕУ, Европската централна банка и ММФ. Ова го заклучија министрите на синоќешната (08.06) телефонска конференција, на која расправаа за извештајот на таканаречената Tројка за состојбата во должничката криза на Грција. Во извештајот, меѓутоа, стои дека Грција нема да може со сопствени сили да си обезбеди натамошни кредити веќе наредната година, како што беше предвидено.

Жан-Клод Јункер и Јоргос Папандреу

Жан-Клод Јункер и Јоргос Папандреу

Претседателот на евро-групата, Жан Клод Јункер, процени дека на Грција ќе и’ треба нов пакет финансиска помош од околу 90 милијарди евра за да не банкротира. Според неговиот предлог, една третина од средствата треба да бидат обезбедени преку планираната приватизација на грчката државна сопственост. Втората третина би требало да ја покријат кредити од европскиот фонд и од ММФ, додека последната третина од финансискиот пакет би требало да падне на товар на приватните доверители, односно банките. Последната точка предизвика бурна расправа во ЕУ.

Фер распределба на товарот мора да има

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле ја поддржува идејата на Јункер и исто така смета дека товарот на вториот финансиски пакет за Грција треба да се подели на фер основа. Не може товарот да го носат само даночните обврзници преку буџетските издвојувања, туку на одговорност треба да се повикаат и банките, кои заработуваат од кредитите што кај нив ги зема Грција.

Волфганг Шојбле ја поддржува идејата на Јункер

Волфганг Шојбле ја поддржува идејата на Јункер

„Централна точка е додека заедницата на земјите од евро-зоната и’ помага на Грција за да добие на време, банките да не се повлекуваат се’ повеќе од одговорноста.“

Шојбле се залага и за реструктурирање на грчкиот долг, со тоа што претстојните кредитни обврски ќе се одложат за подоцна, најверојатно за седум години. Ваквата идеја предизвикува остра дебата во европските политички кругови. Француската министерка за финансии, Кристин Лагард, се изјасни против оваа идеја. И Европската централна банка засега има негативен став, а и шефот на Бундесбанката, Јенс Вајдман, предупредува на опасностите што се кријат во таквиот концепт. Тој смета дека одложувањето на грчкиот долг на повеќе години може да предизвика нова банкарска криза. Освен тоа, одложување на долговите во тој случај можат да побараат и другите презадолжени земји, како Ирска и Португалија.

Автор: Леон Штебе/афп/ртр/Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM