1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Уште колку пари за спас на должниците?

Откако Германија се откажа од отпорот, Фондот за спас на ЕУ треба да биде зголемен. Колку всушност треба да биде висок тој заштитен бедем? За тоа денеска и утре ќе расправаат министрите за финансии на ЕУ.

Оли Рен, еврокомесар за економија и монетарни прашања, во материјалите за средбата на министрите за финансии денеска (30.03.2012) и утре во Копенхаген бара Фондот за спас на еврото да има обем од 940 милијарди. „Тоа ќе помогне да ги растераме сомнежите во нашата волја да ја надминеме кризата“, рече Рен на прес-конференција во вторникот во Брисел.

Од Берлин, најголемиот гарант за Фондот, дојде порака: 700 милијарди евра мора да се доволни. Германскиот канцелар Ангела Меркел за својот план, в лето да бидат здружени досегашниот привремен фонд ЕФСФ (со важност до средината на наредната година) со новиот постојан фонд ЕСМ, доби благослов од фракциите на владината коалиција. „Според нашите замисли, ЕСФС со 200 милијарди може да оди паралелно со ЕСМ со 500 милијарди евра се’ додека тие не бидат отплатени од земјите опфатени со програмата“, ја објасни Меркел промената на курсот. Таа и министерот за финансии Волфганг Шојбле со месеци одбиваа покачување на сумата за спас. Во меѓувреме сите министри за финансии од еврозоната согледаа дека финансиските пазари чекаат јасен сигнал.

Конструкцијата не е доволна за Шпанија и Италија

Финасискиот експерт Гунтрам Волф од тинк-тенк организацијата „Бригел“ од Брисел рече за Дојче веле (ДВ) дека обемот на чадорот за спас многу зависи од тоа “кои проблеми всушност сакаме да ги третираме со тој чадор. Сега пред се’ станува збор за некакво сигнално дејство за меѓународните инвеститори дека сериозно мислиме за спасување на еврото. Но, релативно лесно е да се пресмета дека кога земја како Шпанија би морала да се најде под тој чадор, релативно бргу ќе бидат неопходни големи суми. Италија и да не ја споменуваме“. Така, според Волф, се поставува прашањето дали конструкцијата на чадорот за спас воопшто е погодна за спасување две големи земји. Државниот долг на Италија изнесува 1,8 билиони (1800 милијарди) евра.

Да се импресионираат пазарите

Тимоти Гајтнер, министер за финансии на САД, постојано бара од колегите-министри од ЕУ повисок европски заштитен бедем. Американскиот рецепт гласи: да се стави на располагање неограничена сума пари за спасување на државите со финансиски потешкотии. Европејците досега не сакаат да се впуштат во тоа. Со право, смета Гунтрам Волф - со неограничен фонд за спас би отпаднал мотивот за реформи и за штедење кај презадолжените држави. Во Италија и Шпанија мора да се извршат големи структурни реформи за тие држави да можат да преживеат во монетарната унија без големи трансфери на пари за нив, оти никој не е за такви трансфери. Министрите за финансии на ЕУ мораат да успеат истовремено да ги одржат и веродостојните ветувања за спасување, како и политичкиот притисок врз кандидатите за банкрот, укажува Волф.

Конструкцијата на Фондот за спас има многу врска и со психологијата, смета Анхел Хуриа, генерален секретар на ОЕЦД (Организација за економска соработка и развој). Уште од пред една година тој бара за Фондот за спас обем од еден билион (илјада милијарди) евра за да се импресионираат сензибилните финансиски пазари и инвеститори. Неговата логика е „колку е поголем Фондот, толку е поневеројатно дека воопшто ќе биде употребен“.

Претстои уште долг пат

Финансискиот експерт Гунтрам Волф смета дека на крајот само вистинска политичка унија со права да интервенира во националните буџети ќе нуди излез од кризата. Тој уште не осознава вистинска стратегија кај ЕУ за ставање крај на кризата. „Имаме многу далекусежни и продлабочени дискусии кои сосем фундаментално влијаат и го менуваат нашето сфаќање за национално-државниот суверенитет, за европската соработка“. Фискалниот пакт што го потпишаа шефовите на држави или на влади на ЕУ е само меѓучекор, оти со него „само се симулира интервенција во буџетските права - се’ уште има силни задршки во парламентите, како на пример во Бундестагот“, смета Волф. Одговорноста за финансиите во основа останува во национални рамки, што го отежнува европското дејствување.

Германскиот канцелар Ангела Меркел сака да ја смири својата коалиција во Берлин и пред конзервативната фракција во Бундестагот зборуваше за „завршна цигла“ што се става сега со зголемениот чадор за спас. Но, кризата не прави паузи и еврокомесарот Оли Рен веќе јавно предупредува на погрешниот развој во Грција со можни тешки последици: „Отсуството на политичко единство го отежнува спроведувањето на реформите. Сегашната брзина на санирање на државните финансии не е доволна“, рече тој во Европскиот парламент.

Со давањето согласност за здружување на двата фонда за спас ЕФСМ и ЕСМ, Германија сака да го трасира патот за натамошни извори на средства за спас. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и групата на 20 најважни индустриски и земји во подем имаат намера да и’ гарантираат дополнителна помош на Европа само ако ЕУ самата одвои доволно пари. Меркел се надева дека сега ММФ, како што е планирано, ќе востанови специјален фонд од 500 милијарди дополнителни евра за оптоварената еврозона. Се’ уште е нејасно како Европејците ќе ги соберат парите за нивниот удел во специјалниот фонд на ММФ. Можеби и тука повторно ќе бидат потребни државни гаранции.