1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Уште еден голем удар на мафијата со дрога во Мексико

Втор спектакуларен удар врз мафијата со дрога во Мексико - околу еден месец по апсењето на шефот на групата „Лос Зетас“, војниците сега го уапсија шефот на „Картел дел Голфо“.

Новата мексиканска влада е на власт нецела година, а веќе може да се пофали со вториот голем удар врз мафијата со дрога во земјата. При голема акција на армијата, безбедносните сили го уапсиле шефот на познатиот „Картел дел Голфо“ (Картел на Мексиканскиот залив, н.з.), Марио Армандо Рамирез Тревињо, соопшто мексиканското Министерство за внатрешни работи.

Рамирез Тревињо паднал во мрежата на властите во градот Рио Браво, на границата со американската сојузна држава Тексас. Дали при акцијата има мртви или повредени не е познато.

Се наведува дека Рамирез Тревињо, роден во САД во 1962 година, бил полицаец, а потоа ја променил страната. Прво бил лидер на вооруженото крило на картелот, „Лос Рохос“. Откако неговиот претходник Едуардо Костиља беше уапсен во септември 2012 година, тој по редица внатрешни борби доаѓа на чело на картелот.

Mexiko 15 Tonnen Drogen beschlagnahmt

При акциите на војската се запленуваат тони дрога

„Картел дел Голфо“ е една од најстарите криминални организации во Мексико и на североисток од Мексико. Уште во времето на прохибицијата, во 1920-тите, оваа група шверцувала алкохол. Во бизнисот со дрога картелот е вклучен од пред 40 години, јави порталот Инсајт Крајм.

Некогаш многу моќниот картел контролира голем дел од шверцот на кокаин и марихуана на северот на Мексико. САД по Тревињо распишаа потерница и награда од 4 милиони евра. Картелот во меѓувреме е вклучен и во шверц на луѓе, односно криумчарење бегалци во САД.

Програма против мафијата со дрога

Претседателот на Мексико Енрико Пена Нието при стапувањето на должност најави нова стратегија во борбата пртив картелите со дрога. Прва цел е да се намали насилството. Пена Нието донесе програма за превенција на насилство и основаше нова воена полиција. Пред да стапи на власт, убиствата поради војната на картелите со дрога во Мексико значително се зголемија - во периодот од крајот на 2006 до 2012 година беа убиени околу 70.000 луѓе.