1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Во мисија на зближување

Уште долг пат до нормализирање – Албанци и Срби во Косово

Албанците и Србите во Косово повеќе живеат едни покрај други, отколку едни со други. Сепак постои надеж за подобрување – посебно младите луѓе повеќе не сакаат да живеат во оковите од минатото.

Недоразбирање владее околу тоа, колку луѓе живеат во селото Племетина недалеку од косовскиот главен град Приштина. Србите зборуваат за 1.500 жители, а Албанците за 2.000. Причината за различните бројки е што овде постојат две паралелни општини – албанска и српска, кои меѓусебно се сметаат за нелегални и речиси немаат меѓусебни контакти.

Големо мнозинство од Србите и натаму го сметаат Косово како дел од Србија, иако Косово е независно од 2008. година и е признаено од 105 земји, меѓу кои и 23 од вкупно 28 земји-членки на ЕУ.

Во селото Племетина едни покрај други живеат Срби, Албанци и Роми. Инциденти и конфликти во моментов нема, но ситуацијата е далеку од некаков соживот. „Понекогаш се поздравуваме. Конфликти немаме, но тие си ги бркаат своите работи, а ние нашите“, вели Имер Ибрахими, еден од Албанците во селото.

„Си посакувам нормален живот“

NGO GAIA Dorf Plementina

Во селото Племетна живеат Албанци, Срби и Роми

Невладината организација ГАИА се обидува да ја промени ваквата ситуација. Во неа се среќаваат млади Срби, Албанци и Роми. Ненад Андриќ, 22-годишен, соосновач на ГАИА, е „горд на своето српско потекло“, но „никогаш не мразел некого само затоа што припаѓа на некоја друга националност“, нагласува Андриќ. „Отсекогаш бев подготвен да соработувам со останатите. Веројатно сум луд, но верувам во мојата иднина тука, во Косово, без оглед на тоа како се вика земјата, претседателот или премиерот“, вели Андриќ.

Тој си посакува „само некој нормален живот“. „Не сакам нашите деца да го доживеат она што ние го имаме доживеано – војни, бомбардирања и такви страдања“, вели Андриќ. Младиот Србин е воодушевен од работата на невладината организација ГАИА и се надева на уште поголема меѓународна помош - финансиска и во човечки ресурси. Тој многу ја цени и работата на младата германска волонтерка и градителка на мостови меѓу луѓето Лоте Твенхефен. Таа од пред две години се обидува во Племетина да ги донесе на заедничка маса Србите, Албанците и Ромите и да ги отстрани предрасудите меѓу овие граѓански групи. „Таа многу ни помага за да воспоставиме контакти и да ги негуваме“, вели Андриќ.

Nenad Andric Mitgründer der NGO, GAIA

Ненад Андриќ, член на невладината организација ГАИА

Мнозинството од Србите не веруваат во заеднички живот

Ненад Андриќ сепак со својот став спаѓа меѓу малкутемина Срби кои веруваат во заеднички живот со Албанците во независно Косово. Земјата има околу 1,7 милиони жители, од кои 90 проценти се Албанци, а пет до шест проценти се Срби. Претходно ги имаше повеќе, но по војната во 1999. година многу Срби побегнаа од Косово. Во централно и јужно Косово во моментов има пет општини во кои Србите сочинуваат мнозинство. Тука има многу почести контакти меѓу Србите и Албанците.

Сосема поинаква е ситуацијата на северот од Косово, северно од реката Ибар, во поделениот град Митровица. Тука има четири речиси исклучително со Срби населени општини. Многу од Албанците побегнаа од северот кон југот. Владата во Приштина тука нема никаква контрола, дури ни меѓународната полиција од мисијата на ЕУ - ЕУЛЕКС не може секогаш тука слободно да се движи. За заеднички живот меѓу Србите и косовските Албанци не може да стане збор.

Надежи и пречки

Политичарите во Приштина, Брисел и Белград сепак се надеваат дека ситуацијата наскоро би можела да се промени. Во дијалогот под посредништво на ЕУ, во април во Брисел премиерите на Косово и Србија, Хашим Тачи и Ивица Дачиќ, се согласија дека ќе се стремат кон нормализација на ситуацијата и во северот од Косово. Во тоа, како прв чекор, би требало улога да одиграат ноемвриските локални избори. Значаен гест е што владата во Белград за првпат ги повика сите Срби кои живеат во Косово да учествуваат на овие избори.

Bildergalerie Mitrovica

Мостот на Ибар и земјениот насип на него ги дели Албанците и Србите

Сепак, не треба да се очекува брзо приближување и соработка меѓу меѓу Србите од северот на Косово и централната власт во Приштина, вели косовскиот адвокат Љубомир Пантовиќ: „Некогаш ќе се постигне договор за нормализирање на односите, но тоа нема да се случи без големи отпори“. Скептичен е и косовскиот политиколог Белул Беќај. „Очекувам дека по локалните избори четирите српски општини на северот ќе создадат еден ентитет и дека потоа ќе побараат отцепување од Косово и присоединување кон Србија“, смета политикологот. Тој стравува дека процепот меѓу Србите и Албанците на северот ќе биде уште подлабок и уште поширок. Перспектива за заеднички живот може да се отвори тогаш, кога владата во Белград ќе ја промени својата досегашна политика, вели Беќај. „Србија мора да се откаже од својата митологизирачка политика и територијални претензии. Мора да се случи еден вид на катарза на српскиот менталитет. Второ, во Србија на власт мора да дојде некоја силна личност како Шарл де Гол, Конрад Аденауер или Вили Брант, која ќе може да се извини за злосторствата врз косовските Албанци. Дури потоа можеме да се надеваме на помирување меѓу Србите и Албанците“, смета политикологот Беќај.

Ненад Андриќ на ова сепак гледа поинаку – пооптимистички. „Луѓето овде живеат заедно од пред повеќе векови. Проблемите често без причина се прават поголеми отколку што се’. Се надевам дека луѓето ќе ги отворат очите и дека заедно ќе живеат во мир“, заклучува Андриќ.