1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Уште два чекори до здравствената реформа

Со 60 гласови „за“ и 40 „против“, американскиот Сенат го изгласа завршувањето на расправата околу реформите во здравството, отворајќи го патот за усвојување на предлогот уште пред Божиќ. Потребни се уште две гласања.

default

На крајот од седницата, која во завеаниот Вашингтон траеше до доцна во ноќта, сенаторите решија да гласаат за завршување на дебатата околу здравствените реформи, со што предлог-законот го очекуваат уште две гласања пред и официјално да стапи на сила. Демократите, кои беа движечката сила зад креирањето на реформите и нивното изгласување, отворено го поддржуваат предлог-законот. „Ќе го усвоиме законот уште пред Божиќ и тоа ќе биде најубавиот подарок што Сенатот им го подарил на луѓето“, изјави сенаторот од редовите на демократите, Том Харкин.

Денешното гласање беше и првиот тест за тоа дали демократите ќе успеат да ги обезбедат шеесетте гласови потребни да ја надгласаат здружената републиканска опозиција.

Републиканците, пак, се свесни дека нема да можат да го сопрат изгласувањето на здравствените реформи, што ќе ги донесе најголемите реформи во американскиот здравствен систем од 1965 година наваму, кога беше воведена здравствената заштита на постарите лица.

Gesundheitsreform US Senat

Претседателот Обама на прес-конференција по гласањето

„Последиците од овој закон ќе бидат многу подолгорочни од овој снежен викенд во Вашингтон“, истакна лидерот на пратеничката група на републиканците во Сенатот, Мич Мекконели. „Овој закон ќе ја реоформи нашата нација, а Американците веќе кажаа што мислат за него - не го сакаат.“

Сега остануваат уште две процедурални гласања, кои се закажани за вторник и среда. Ова значи дека последното гласање би можело да се одржи в четврток, во пресрет на католичкиот Божиќ. Законот веќе беше изгласан од Претставничкиот дом на американскиот Конгрес во ноември, а во таа прилика претседателот Обама го поздрави овој чекор и изрази надеж новиот закон да биде усвоен уште пред крајот на 2009 година.

Здравствено осигурување за уште милиони лица

Инаку, целта на новиот закон во САД е здравствена заштита да добијат уште 31 милиони граѓани, кои во моментов немаат никакво здравствено осигурување.

„Законот ќе им даде поголема сигурност на оние кои веќе имаат здравствено осигурување и ќе им помогне на оние кои се` уште немаат, а и на помалите претпријатија ќе им го олесни осигурувањето на вработените“, истакна Дејвид Акселрод, главен советник на претседателот Обама за здравствени прашања. Законот ќе им овозможи и на оние кои веќе страдаат од некоја болест да имаат право да склучат договор за осигурување, што досега не беше случај. „Тоа е промената што претседателот ја вети и сега сме многу близу до нејзино остварување“, додаде Акселрод.

Со законот ќе се бара од поголемиот број Американци да склучат договор за здравствено осигурување и да им понудат субвенции на семејствата со помали приходи, за и тие да можат да го сторат истото. Истовремено, со реформите во здравствениот систем, ќе им се забрани на осигурителните компании да ги отфрлаат барањата на лицата со хронични заболувања.

Автор: ТТ/БГ/ројтерс/бета

Редактор:Жана Ацеска