1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Училишта меѓу четири дрвја

По децениската граѓанска војна, Јужен Судан беше земја без училишта. Зградите беа уништени, наставниците убиени. Од пред 4 години, владее мир. Училишта никнуваат како печурки по дожд. Сепак, условите се`уште се скудни.

default

Јосеф Адхал со своите ученици

Четврти час: англиски јазик. Децата од основното училиште Бабкок, во близина на малиот град Тоњ, вежбаат едноставни реченици. Нивната училница: четири големи дрвја кои прават сенка. Повеќе од една-две тетратки и едно пенкало нема никој в рака. Ученици на возраст од седум до седумнаесет, сите возрасни групи се подготвени да учат. Конечно може да го надоместат тоа што им беше скратено во војната: учењето.

Раководителот на училиштето, Јосеф Адхал седи кај последното дрво. На една црна табла, која стои потпрена на дрвото на две расклатени ногарки, црта семејно стебло. Тој нема многу време за неговото одделение: „Имаме премалку учители, тројца учители за 170 ученици. И нашето училиште има пет одделенија“, објаснува Адхал.

Борба за правото на образование

Sudan schwieriger Neuanfang für Flüchtlinge

Некои од децата, наместо да одат в училиште, им помагаат на родителите

Решение: секој учител мора да предава истовремено во повеќе класови. По десет минути, Јосеф Адхал им дава задача на учениците сами да го продолжат семејното стебло во нивните тетратки. Брза кон следното одделение, едно дрво понатаму. Јосеф Адхал нема видено универзитет во својот живот. Два метри високиот маж со избледени шарени пантолони и еден црвен и син маркер во џебот, зад себе има само забрзан курс од 2 месеца. Сепак тоа не му го уништува ентузијамот: „Сега е време да научиме да читаме и пишуваме судански. Нашата земја не е доволно образувана. На нашите деца итно им е потребно знаење. Затоа е важно сите деца да посетуваат училиште.“

Не сите родители се согласуваат со последново. Томас Акол е едно од децата кои дома мораат да се борат за своето право на образование. Претпладне тој учи во училиштето, а попладне мора да им помага на родителите. „Кога ќе се вратам од училиште, имам нешто време да ги напишам домашните задачи. Малку ќе поучам и потоа морам да ги носам козите на пасење“, вели Томас.

„Добра девојка е онаа која се мажи порано“

Sudan Darfur Militär UN Gewehr Ruanda

Војната ги протера учителите од Судан

Скоро на десет километри оддалеченост се наоѓа една вистинска реткост: католичкото училиште Дон Боско, едно од малкуте училишта за понатамошно образвание во Судан. Во бараката со покрив од плех седат повеќе од педесет ученици. Космус Мутуку Нзилани, мал слаб Кениец на почетокот на своите триесетти години, предава географија. Тој е тука од пред три години. Сите негови колеги во ова училиште потекнуваат од Кенија. „Има само малку образовани учители во Судан. Причината за тоа лежи во војната. Не заборавајте дека оваа земја има мир од 2005 година. Во странство има мошне добро образувани судански учители. Но тие многу полека се враќаат во Судан, бидејќи стравуваат од нова војна", објаснува Нзилани.

Мари Алук има 20 години. Речиси при секое прашање на учителот, крева рака. И таа е вистински редок случај, бидејќи во Судан само секое петто девојче оди во основно училиште. Во понатамошните одделенија, одат уште помалку. Таа вели: „Мојот народ, наречени Динки, вели дека девојчињата не треба да одат на училиште, бидејќи така повеќе не се добри девојчиња. Добра девојка е онаа која се мажи порано, за која нејзините родители како цена за невестата добиваат говеда и крави. Девојка, од која профитираат луѓето. Затоа долго време не смеев да одам на училиште.“

Откако Мери Алук ќе го заврши средното образование, веќе има следна цел: правни студии на универзитетот. Но, ниту таму условите за учење не се многу подобри.

Автор: Даниел Пелц / Ана Алибегова

Редактор: Александра Трајковска