1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Учесниците на Парадата на гордоста во Будва евакуирани со бродови

30-тината учесници на Парадата на гордоста во Будва кои во градот дојдоа со автобус од Подгорица, се евакуирани со бродови од Стариот град, бидејќи не можеше да им се осигура сигурно поминување низ Будва.

Првата Парада на гордоста во Црна Гора протече во знак на жестоки конфликти меѓу полицијата и противниците на геј парадата.
Пред и за време на парадата дојде до повеќе пресметки меѓу полицијата и противниците на геј парадата, во кои полицијата користеше палки, а демонстрантите камења.
Полицијата приведе повеќе од 10 демонстранти, а во каменувањето настрадаа неколку учесници во геј поворката.
Неколку стотици противници на геј поворката, главно млади луѓе, се собраа во близината на Стариот град и фрлаа со камења, шишиња и други предмети на симпатизерите на ЛГБТ заедницата.
Полицијата претходно приведе неколку лица поради тоа што фрлале со јајца по автобусот на членовите на ЛГБТ заедницата и се обиделе физички да ги нападнат. Според проценките на медиумите повеќе од 400 полицајци ја осигурувале денешната поворка.

Montenegro Altstadt Budva

Будва


Организатор на парадата е ЛГБТ Форумот прогрес, а претседателот на организацијата Здравко Цимбаљевиќ претходно изјави дека Парадата на гордоста во Будва ќе биде показател колку црногорското општество е во состојба да ги прифати и негува разликите.
Меѓу учесниците на поворката беа и советникот на премиерот за човекови права и заштита од дискриминација Јован Којичиќ, советникот на Собранието на Црна Гора за односи со јавноста Снежана Бурзан, како и помошниците министри за човекови и малцински права Бланка Радошевиќ-Митровиќ и Сабахудин Делиќ.
На парадата присуствуваше и пратеникот на Демократска Партија на Социјалистите и претседател на парламентарната комисија за човекови права и слобода Халил Дуковиќ, како и претставничката на партијата Позитивна Црна Гора, Ана Понош.