1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Утоја две години потоа

Две години по масакрот на норвешкиот остов Утоја, стотици волонтери сакаат повторно да го оживеат летниот камп на Работничката младина. Се верува дека тоа е најдобриот одговор на Андерс Брејвик и неговите истомисленици.

На 22 јули 2011 година околу 14 часот на илјадници електронски адреси стигна обемен манифест на извесен Андрес Беринг Брејвик, човек кој неколку часа подоцна стана познат во цел свет. Со сулуди аргументи тој ја објаснуваше страшната омраза кон странците, посебно кон муслиманите. Истиот ден во 15,30 часот импровизирана бомба усмрти осум лица во центарот на Осло, недалеку од кабинетот на норвешкиот премиер Јенс Столтенберг. За жал, тоа беше само вовед во крвавиот пир кој Брејвик го изведе на островот Утоја, во близина на Осло. Таму околу 600 припадници на подмладокот на владејачката Работничка партија присуствуваа на традиционалниот собир, кога русиот човек во полициска униформа ги повикал да се соберат околу него, тврдејќи дека е пратен како засилување по бомбашкиот напад во градот. Тој човек беше токму Брејвик, кој со две пушки околу 90 минути пукаше по децата, до доаѓањето на полицијата, усмрти 69 луѓе.

Zwei Jahre nach den Anschlägen in Norwegen

Последици на нападот на Брејвик

Островот денес

Тревата на ливадата е свежо искосена, главната зграда молерисана, стотици доброволци го подготвуваа островчето за одбележување на втората годишнина од масакрот. На набљудувачите од море или од копното Утоја воопшто не би им паднала в очи, зашто такви острови во земјата на фјордовите има многу. Но, Утоја повеќе од 63 години не е обичен остров, тоа е срцето на норвешката социјалдемократија. Уште од 1950-година островчето и‘ е подарено на младината на Работничката партија и оттогаш на него се одржуваат летни кампови. Нив ги посетувале речиси сите лидери на оваа партија, Столтенберг, а пред него и Торбјорн Јагланд и други. Ако пред само три години прашавте некого за Утоја, би ви рекол дека тоа е рај на земјата, место на дружење и безгрижност.

На пример Тове Лизе Гранли, таа била младинка во 1982. година и Утоја ја памети како идилично место. Но, во 2011. таму бил нејзиниот син Јо, кој посетата ќе ја памети како пекол. Јо преживеал по чиста случајност и среќа, со уште 46 момчиња и девојки се скрил во училницата. Некои како засолниште ја одбрале малата кафетерија, а случајот сакал разулавениот убиец да влезе токму во неа, а не во училницата. Тове Лизе и нејзиниот син Јо собрале сили да се вратат на Утоја и да помогнат во реновирањето.

За време на одбележувањето на двегодишнината од трагедијата, Утоја е отворена за семејствата на жртвите и преживеаните, за уште еднаш да се потсетат на оние кои не се вратиле од летниот камп 2011. година. Според една студија, дури 40 проценти од преживеаните страдаат од анксиозност или депресија. Владата обезбеди 23 милиони евра за општините да можат да ги финансираат нивните лекарски третмани.

Ранхгхилд Каски од северот на Норвешка е благодарна за таа помош. Таа ги надминала стравовите со помош на психијатар. „Остатокот од мојот живот ќе биде со печат на Утоја, но сепак, тој мора да тече натаму“, изјави таа за новинарите.

Zwei Jahre nach den Anschlägen in Norwegen

Росе Борх се сокрила зад карпа, до денес страда од стравови и е сигурна само со кучето покрај себе

Одговор на теророт

И Работничката младина сака да гледа во иднината, се ппанира повторно градење на Утоја. Ќе бидат срушени кафетеријата и останатите објекти кои потсетуваат на крвавиот чин на еден радикален десничар и исламофоб. Потоа ќе бидат изградени нови објекти, главна зграда со сали за состаноци, кантина, кујна и ѕвоник, а планиран е и споменик за жртвите. Младите социјалдемократи веруваат дека градењето е најдобар одговор на теророт. Следните генерации ќе дојдат во поинаква Утоја, која, се надеваат, ќе ја задржи традицијата и сеќавањето на жртвите. За обнова на островот е основан фонд во кој секој може да придонесе.

Првото собирање по она на трагичниот настан е одржано уште на почетокот на месецот, навистина не на Утоја, туку на блискиот Гулсрунд. За разлика од сите претходни летни кампови, овој, се разбира, го обезбедуваше голем број полицајци. Преживеаните од Утоја ги имаше во голем број. Всушност, Брејвик не ја исплаши норвешката младина која ја означи за симбол на мултикултурното општество, од кое се згрозува. Денес подмладокот на Работничката партија има 13 илјади членови, дури 3400 повеќе отколку пред масакрот.

И покрај тоа, на социјалдемократската идеја и‘ се заканува пораз на изборите закажани за наесен. Според сегашните анкети, Работничката партија би можела да ги загуби изборите од десните популисти, собрани во Напредната партија. За преживеаните и семејствата на жртвите од Утоја, тоа би било посебно горко, зашто Андрес Беринг Брејвик му припаѓаше токму на подмладокот на Напредната партија од 1997. до 2007. година.