1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Уставниот суд ја олесни воената интервенција во Германија

Германската армија смее да одговори со воени средства во исклучителни случаи на внатрешните закани во земјата. Ваква одлука денеска донесе Уставниот суд во Карлсруе. Со тоа се менува одлуката донесена во 2006-та година.

Сојузниот уставен суд ја промени досегашната регулатива и дозволи вооружени акции на Бундесверот против терористички напади во границите на воздушниот простор на Германија. На 15 февруари 2006-та година беше денесена одлука дека Законот за безбедност во воздушниот простор е противуставен. Таа пресуда сега е делумно променета.

Соборувањето на киднапиран патнички авион и натаму останува незаконско, но она што може да се направи е користењето на борбени авиони за принудување на леталото да слета со испукување на предупредувачки истрели.

Употребата на вооружени сили, можна „во исклучителни ситуации со катастрофални размери“, е покриена со Уставот, гласи одлуката на судот во Карлсруе.

Urteil Wahlrecht Bundestag

Уставните судии ја променија претходната одлука од 2006-та година

Сепак, и натаму генерално не е дозволена интервенцијата на Бундесверот внатре во државата против вооружени бунтовници, дури и кога полицијата не би била во ситуација да се справи со нив. Германската армија ќе може да интервенира на територијата на земјата само ако е загрозено опстојувањето на Сојузна Република Германија како држава.

Судот во одлуката нагласи дека армијата не може „да реагира на закани од толпи на демонстранти“. Користењето на армијата е можно „како последно средство“ и мора да биде одобрено од сојузната влада. Министерот за одбрана не може самиот да донесе таква одлука.

Судот ја донесе пресудата по барање на две од 16-те сојузни републики. По нападите со патнички авиони во САД на 11-ти септември 2001 година, германската влада сакаше да и‘ даде поголема флексибилност на војската во одговорот на можен терористички напад. Но, таквата намера наиде на отпор во судот, кој цитираше стриктни одредби од Уставот, кои забрануваат ангажирање на армијата на германска територија и се воведени поради злоупотребите на воените трупи во нацистичкиот период.