1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Уставниот суд го ослободи патот за предвремени парламентарни избори во Германија

Уставниот суд во Карлсруе ги отфрли жалбите на двајца пратеници во Бундестагот и сега веќе е дефинитивно јасно: на 18-ти септември ќе се одржат предвремени парламентарни избори во Германија. Социјалдемократката Јелена Хофман и Вернер Шулц од Зелените сметаа дека распуштањето на парламентот е противуставно.

Потпретседателот на Уставниот суд Винфрид Хасемер при објавувањето на пресудата

Потпретседателот на Уставниот суд Винфрид Хасемер при објавувањето на пресудата

„Во име на народот ја објавувам следнава пресуда: постапките се врзани за заедничко решение. Жалбите се отфрлаат“.

Со нетрпение очекуваното решение, што го објави потпретседателот на Сојузниот уставен суд Винфрид Хасемер, испадна како што и се претпоставуваше во медиумската и политичката јавност. „Резултатот на оцената, кратко резимиран гласи: жалбите се незасновани. Решенијата на сојузниот претседател за распуштање на парламентот и за закажување избори на 18-ти септември, не го кршат уставот и поради тоа не го повредуваат или загрозуваат уставно заштитениот статус на подносителите како пратеници во Германскиот Бундестаг“ – образложи Хасемер.

Вториот сенат на Судот смета дека е прифатлива процената на канцеларот оти нема сигурно мнозинство за неговите реформски проекти: тој во оценката на тоа политичко прашање имал широк маневарски простор, а Судот само ограничено можел да го провери неговото решение. Убедливо мнозинство - 7-мина судии, беше на исто мислење, само еден застапуваше поинаков став.

По загубените избори за покраинскиот парламент на Северна Рајна Вестфалија во мај годинава, канцеларот Герхард Шредер сметаше дека ја губи базата за својата политика – како во покраините, исто така и во неговата Социјалдемократска партија - СПД. Поради тоа на 1-ви јули го постави во Бундестагот прашањето за доверба, со цел за распуштање на парламентот и свикување вонредни избори една година пред нивниот регуларен термин, иако коалицијата на СПД и Зелените и натаму има стабилно парламентарно мнозинство. Со оглед на тоа дека Уставот не предвидува самораспуштање на парламентот, канцеларот се реши на заобиколен пат – преку договорено изгласување недоверба, што беше спорно. Сојузниот претседател Хорст Келер го оцени како согласно на уставот образложението на канцеларот дека нема постојана и сигурна база за својата политика. Но, пратениците Вернер Шулц од Зелените и Јелена Хофман од СПД поднесоа тужба до Уставниот суд сметајќи дека е кршење на Уставот ако од политички калкулации, а не од вистинска недоверба спрема канцеларот, се загуби гласањето за доверба.

Уште пред да се изјасни Уставниот суд, во јавноста не им беа давани изгледи на успех на нивните жалби, зашто Судот еднаш - во 1983-та година, кога тогашниот канцелар Хелмут Кол постапи на ист начин, веќе оцени дека во случај на ограничена функционална способност на владата, смеат да бидат изнудени вонредни избори по пат на намерно загубено гласање за доверба.