1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Успешно завршена акцијата на германската и македонската полиција

Меѓународната операција за борба против организиран криминал, спроведувана во соработка на македонската полиција со полицијата во Франкфурт, е завршена успешно, оцени денеска хесенскиот државен министер Борис Рајн.

Поради сомневање за вклученост во трговија со дрога, денеска во Мајнтал е уапсено едно лице, додека во Македонија во текот на денот (19.09) се уапсени 13 лица, информира франкфуртската полиција, која оценува дека акцијата „Мрежа“ е завршеток на истрагата која се води од 2011 година. Во соопштението на полицијата се нагласува дека македонските криминалци доминирале 10 години на илегалниот пазар на хероин во Франкфурт. Хероинот, со потекло главно од Авганистан, преку таканаречената „Балканска рута“ стигнувал во Франкфурт на Мајна. Со апсењата и запленетата стока, вели франкфуртската полиција, успеало разбивањето на организираните структури на тргување со дрога. Притоа, во целата операција во текот на изминатите месеци се уапсени вкупно 120 лица, запленети се 32 килограми хероин, 5,5 килограми кокаин, 7 килограми марихуана и околу 200.000 евра. Во меѓувреме се донесени и првите пресуди против седуммина обвинети, кои добија меѓу 7 и 10 години затвор. Запленетата дрога, според проценките, на илегалниот пазар има вредност од околу два милиони евра. Борис Рајн, висок функционер од покраината Хесен, денеска нагласи дека борбата против организираниот

криминал, како важен дел од безбедносната стратегија на хесенската полиција, има висок приоритет. Првиот човек на франкфуртската полиција Ахим Тил им се заблагодари на полицијата и истражните органи во Австрија и Македонија на добрата соработка, која, како што рече, се одвивала во целосна доверба.

Според информациите што денеска се дадени во Скопје, шестмина од уапсените во Македонија најверојатно се директно инволвирани во трговијата со наркотици, додека за другите лица постојат индиции дека се инволвирани во перењето пари кои нелегално биле заработувани преку продажба на дрога. „Сe‘ уште се одвиваат претреси во домовите со судска наредба, а ќе се врши претрес и во фирмите, бидејќи постојат индиции дека биле користени при вршењето перење на пари - при ставањето во легален промет на парите што биле заработени од незаконска продажба на наркотици на улиците во Франкфурт, а потоа трансферирани за Македонија“, изјави Иво Котевски, помошник министер за односи со јавност при македонското МВР.