1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Успешна автократија?

Во изминатите 20 години од крвавото задушување на демократското движење во Пекинг тежиштата во светот се променија - во полза на Кина. Па сепак, Комунистичката партија на таа земја ќе мора да се соочи со минатото.

default

Кина ни оддалеку не е толку стабилна колку што површински изгледа

Може ли историјата навистина да биде толку неправедна? До таков резултат може да се дојде, ако се има предвид Кина. Пекинг во крв го задуши политичкиот пресврт што го зафати светот пред 20 години и ја ослободи Источна Европа. Па сепак, автократски управуваната Кина е денес посилна од кога било. Некогашната земја во развој стана тешка категорија во светското стопанство. Кина е најголемиот доверител на САД и со години го финансира буџетскиот дефицит на владата во Вашингтон. Само во март годинава, Кина купи американски државни облигации со вредност од околу 24 милијарди долри. Таа е втор најголем трговски партнер на ЕУ. Преку трговија и инвестиции расте влијанието на Пекинг и во Африка и Јужна Америка. Во еден стратегиски документ на фракцијата на ЦДУ и ЦСУ во Бундестагот, уште во 2007 беше предупредено дека недемократска Кина може да се етаблира како алтернативен развоен модел и да им служи за пример и за оправдание на автократите ширум светот.

Каква врска има сево ова со страшните настани на Плоштадот на небескиот мир пред 20 години? Кинеското министерство за надворешни работи неодамна пак го бранеше масакрот врз невооружените студенти среде Пекинг со укажување на економскиот напредок во изминатите децении. Кинеското раководство и натаму се противи на преоценување на демократското движење и потиснува секаква дискусија за тоа. Комунистичката партија полага право да си ги припише себеси економските успеси, но одбива да преземе одговорност за мрачната страница од нејзината историја - не само за мртвите од пекиншкото лето 89, туку и за, според проценките, 20 милиони мртви од „големиот скок напред“ на почетокот на 60-тите години, жртви на културната револуција и други масовни кампањи.

Поголема демократија токму поради стабилноста

Со тоа партијата загуби многу од својата веродостојност кај народот. Во гробната тишина по масакрот материјалните вредности станаа мера за се’. Пристапувањето во партијата денес не е толку идеолошки засновано, туку служи првенствено за обезбедување на кариера. Идејно Кина е денес поткопана. Тоа не може да го забошоти ни гласниот национализам. Народната република ни оддалеку не е толку стабилна, колку што површински изгледа - ден за ден во земјата се регистрираат по повеќе од 200 таканаречени илегални протести.

Има и напредни во партијата кои знаат: на Кина и’ се потребни политички реформи, поголема демократија - токму поради нејзината стабилност. Само така е можно зафаќање со проблемите и нивно решавање. Тоа беше став и на Џао Цијанг, реформски настроен водач на Комунистичката партија, кој беше сменет во 1989 оти курсот што го следеше не им одговараше на застапниците на тврдата линија во Политбирото. Европа може да ги поддржи демократските сили во Кина ако самоуверено ги застапува своите вредности - и ако е единствена.


Автор на коментарот: Матијас фон Хајн

Превод: Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска