1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Успех на Германија, пораз на Македонија

Без поголеми изненадувања во 22-те средби од квалификациите за Светското фудбалско првенство 2010-та. Германија постигна очекувана победа против Велс. Македонија поразена на гостувањето во Исланд, иако беше доминантна.

default

Од натпреварот Германија - Велс: акција на Лукас Подолски (Германија, бел дрес)

Германија долго се мачеше против тврдите и упорни Велшани. Домаќинот на средбата одиграна пред 44 ипол илјади гледачи во Менхенгладбах имаше целосна теренска доминација, создаде повеќе шанси, се обидуваше и со удари од далечина да го разбие бедемот на Велс, кој ретко, но затоа опасно се закани со контранапади. Единствениот гол е постигнат во 72-та минута по една мајсторија на Пјотр Троховски. „Тоа беше тврдина. Тие понекогаш се бранеа и со 10 играчи и навистина не ни беше едноставно. Според шансите што ги создадовме, веројатно уште во првото полувреме моравме да водима со 2 или 3 нула. Конечно, сепак ни успеа да постигнеме гол. Најважно е дека освоивме 3 бодови“, изјави Троховски.

И селекторот Лев е задоволен, пред се’ од вкупниот ефект во двете средби што Германија ги одигра дома, претходно во саботата и со Русија. „Ние сме апсолутно задоволни со двете победи. Освоивме 6 бодови, водиме на табелата. Сега следува подолга пауза и ова што го имаме е добра основа врз која наредната година можеме да се надоврземе“, рече Лев.

Германија во 4-тата група има 10 бодови, пред Русија, која по победата над Финска со 3 спрема 0 има 6 бодови, исто колку и Велс. Наредната средба Германија ќе ја игра на 28-ми март наредната година, против Лихтенштајн.

Македонија заслужи да победи, а се враќа поразена

Македонија е поразена од Исланд со 1 спрема 0. Голот домаќините го постигнаа во 16-тата минута и потоа само настојуваа - и успеаја да ја одбранат минималната предност, и покрај многубројните шанси на македонските репрезентативци.

Холандија како гостин ја совлада Норвешка со 1 спрема 0 и води во групата со 9 бодови. Шкотска и Исланд имаат по 4, Македонија 3, а Норвешка 2 бода.

Другите средби минаа главно без изненадувања. Единственото го приреди Албанија, која како гостин успеа да одигра нерешено 0 спрема 0, со Португалија.