1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Успех или засрамувачки спектакл?

Во Унгарија беше уапсен осомничениот нацистички злосторник Ласло Чoтари. Унгарското општество има проблеми со соочувањето со злосторствата против унгарските Евреи во Втората светска војна и случајот Чотари.

Оваа приказна е непријатна, пишува публицистот Миклош Габор во лево-либералниот будимпештански весник „Небсабочаг“: дојдоа новинари на британски булеварски весник во унгарскиот главен град, го фотографираа 97-годишниот старец на влезната врата на неговиот стан во гаќи и го презентрираа како најбаран нацистички злосторник. Дали Унгарија сега ќе стане позната како земја која ги сокрива убијците, се прашува Габор загрижено, иако човекот со години непречено живеел во Канада.

Публицистот Миклош Габор не е единствениот кој изразува сомнеж во случајот Ласло Чотари. Унгарската јавност е поделена околу начинот на откривање и претставување на 97-годишниот осомничен злосторник: тој во британскиот весник „Сан“ беше презентиран како „најбараниот нацистички злосторник“.

Погрешна претстава на Чотари?

Историчарот Ласло Карсаи, самиот потомок на преживеан од холокаустот и експерт за историјата од периодот на холокаустот за унгарските медиуми изјави дека во Втората светска војна околу 200 илјади унгарски војници, жандарми и полицајци извршиле слични дела како Чотари, односно учествувале при депортацијата на Евреите или во злосторства. Претставувањето на старецот сега како висок по ранг злосторник е погрешно и збунувачки, вели тој.

 

Festnahme Kriegsverbrecher Laszlo Csatary in Budapest

Чотари „фатен“ по гаќи на врата

Чотари кој во меѓувреме е во домашен притвор, во 1944. година како полициски шеф во градот Кашау, денешно Кошице, во источна Словачка, бил одговорен за транспортот на 15.700 Евреи од локалниот собирен логор до Аушвиц. Чотари во 1948. година веќе бил осуден на смрт во отсуство, во Чехословачка. Тој по воната избегал во Канада каде долго живеел неоткриен. Во средината на 1990-те години канадските власти му го одзеле државјанството, повеле истрага против него поради воени злосторства и постапка за испорачување. Во 1997. година, уште пред официјалното испорачување, Чотари се преселил во Будимпешта, каде живеел мирно до своето апсење.

Спиеле ли унгарските власти?

Уште одамна Чотари е на листата на најбарани воени злосторници на центарот „Симон Визентал“. Директорот на центарот од Ерусалим, Ефраим Зуроф повеќепати ги информирал унгарските власти за Чотари, последен пат во април оваа година. Тој ги обвинува унгарските служби дека во случајот Чотари долго време не презеле ништо.

Обвинителот Тибор Ибоја од Будимпешта, одговорен за случајот, ги отфрли ваквите обвинувања. Истрагата била отежната зашто се работи за дело од пред речиси седумдесет години и во место надвор од денешна Унгарија. Освен тоа, потребно било барање на сведоци во Израел, а Чотари долго живеел во Канада, вели тој.

Слични случаи имаше и порано

Сличен случај минатата година заврши со смрт на обвинетиот: поранешниот офицер на жандармеријата Шандор Кепиро во 2006. година беше откриен во Будимпешта, осомничен за учество во масакрот во Нови Сад во 1944. година. Во мај 2011. година започна процес против него, кој во прва инстанца заврши со ослободителна пресуда. Унгарскиот обвинител вложи жалба, но Кепиро почина во септември 2011. година, пред процесот да заврши.

NS-Kriegsverbrecher Sandor Kepiro Prozess 2011

Процесот против Шапиро не заврши

Во еден друг случај, оној со Кароли Зентаи, кој живеел во Австралија, не затаи само унгарското, туку и австралиското судство, кое го одолговлекуваше процесот. Зентаи, денеска на 90 години, во 1944. година како војник удрил унгарски Евреин зашто не ја носел пропишаната жолта ѕвезда на ракавот. Унгарија побара испорачување на Зентаи уште во 2005. година, оттогаш во постапката владее повлечи-потегни.

Тежок однос кон антисемитизмот во Унгарија

Не само долгите судски процедури - голем дел од унгарското општество има тешкотии со преработката на злосторствата извршени врз унгарските Евреи во Втората светска војна, како и со антисемитизмот во унгарската историја во периодот меѓу војните. Миклош Хорти, унгарски претседател во меѓувоениот период, ноторен антисемит и соодговорен за депортацијата на повеќе од 400 илјади Евреи во Аушвиц од мај до јули 1944. година, неодамна беше рехабилитиран во Унгарија, на повеќе места се подигнати негови споменици и одржани се манифестации во негов спомен. Претседателот на унгарскиот парламент Ласло Ковер на крајот на мај учествуваше на една ваква манифестација во чест на писателот Јожеф Нуиро, член на некогашната националсоцијалистичка партија во Унгарија, која постоеше до 1945. година. Ковер затоа во Израел беше прогласен за непожелна личност, а носителот на Нобелова награда Елиа Визел од истата причина неодамна го врати Орденот за заслуги кој му го додели Унгарија.

Од друга страна, новиот унгарски претседател Јанош Адер, на функција веќе дваипол месеца, дава јасни знаци против антисемитизмот какви што не се забележани последните години. На пример, тој го осуди антисемитскиот напад врз поранешниот висок рабин во Будимпешта Јожеф Швајцер на почетокот на јуни со остри зборови и го посети рабинот во неговиот стан.

Моментно Адер е во посета на Израел. На комеморација во меморијалниот центар „Јад Вашем“ како прв унгарски претседател ја изговори вистината, и денес оспорувана од многумина во Унгарија:

„Во времето на холокаустот унгарската држава не ги заштити унгарските Евреи“.

Реченица која нему во татковината можеби ќе му донесе уште многу проблеми.