1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Успеси на Германците во зимските спортови; Л. Матеус сака да ја одведе Унгарија на СП-фудбал 2006

Ани Фризингер вчера, токму на својот 27-ми роденден, ја освои четвртата титула европска првенка во повеќебој во брзо лизгање. Во последниот настап, трката на 5 илјади метри, таа го освои третото место и ја зачува предноста пред сонародничката Клаудија Пехштајн, создадена по првите три дисциплини. "Оваа титула беше тешко извојувана - не можев да си направам поубав роденденски подарок! Прекрасно, среќна сум и им благодарам на сите луѓе овде", рече Фризингер непосредно по постигнувањето на големиот успех. Пехштајн го освои второто место. Успехот на германските претставници го дозаокружува и бронзениот медал на братот на Ани, Јан Фризингер во трката на 500 метри. Во повеќебојот во машка конкуренција доминираше Холанѓанецот Марк Тојтерт. Првенството се одржа во инаку мирното холандско гратче Херенвен, кое во вакви пригоди го зафаќа карневалска атмосфера, поврзана со натпреварите во брзо лизгање - Херенвен е упориште на овој спорт. "Танцување, пиење, забава...Ова е секогаш празник, голем карневал...Ова е нешто посебно", велат љубителите на брзото лизгање од градот. Атмосферата во него постојано наново ги фасцинира и мотивира натпреварувачите од цела Европа. "Распеани луѓе, кои навистина цела година трескавично ги чекаат деновите за да дојдат овде и да земат учество како навивачи. Убаво е, бодрењето неверојатно ни годи", воодушевена е и европската првенка Ани Фризингер. Севкупната атмосфера ја понесе неа не само за време на натпреварите, туку и за прославувањето на титулата: "Јас не сум најаскетски спортист и сакам да живеам сега и овде, па затоа веднаш и ќе прославувам. Време за тоа има доволно".

Зимските спортови доминираат во овие денови, а натпреварите од викендот беа под знакот на успеси на германските претставници. Хилде Герг забележа прва победа по повредата на коленото - беше најбрза во супер- велеслаломот во францускиот зимски центар Вејсоназ, пред Австријките Дорфмајстер и Бергер: "Секогаш е тежок тој пат кога треба повторно да се надминеш самиот себеси. Тоа мене ми успеа денеска, што всушност претставува и најголема радост", рече Герг вчера по трката.

Четири недели пред почетокот на светското првенство во бијатлон, што ќе се одржи во Оберхоф, и една година по нејзиниот последен успех, Уши Дизл на Покљука кај Марибор ја забележа 22-та победа во натпревар од светскиот куп. 33-годишната полицајка од Баварија се покажа како одличен стрелец и во петокот со само една грешка во 20 истрели го повтори својот дотогаш најдобар резултат во стрелањето. Дизл беше одлична и во тркачкиот дел на патеката од 10 илјади метри, па на крајот и' припадна првото место во конкуренција на 60 натпреварувачки, со предност од речиси 51 секунда пред второпласираната, Французинката Бели. "Убаво е чувството кога излегуваш од стрелачкото место и 99 проценти си сигурен дека ќе победиш", зборуваше победничката.

Германската машка штафета во дисциплината 4 пати по 10 километри на натпреварувањето во Естонија ја забележа втората победа во годинашниов светски куп.

Љубителите на фудбалот мора да се стрпат до крајот на месецов, до кога трае првенствената зимска пауза, но ни овие денови не поминаа без интересни настани. Изненадување предизвика најавата дека поранешниот германски репрезентативец и донеодамна шеф на стручниот штаб на белградски Партизан Лотар Матеус е нов тренер на репрезентацијата на Унгарија. Тој минатата недела стапи на функцијата на која ќе мине две години и изрази надеж дека ќе успее да ги преброди квалификациите за светското првенство во Германија во 2006-та година: "Уверен сум дека квалитетот на играчите е толку силен, што ќе можеме да опстоиме против Хрватска, Шведска Исланд и Бугарија". Прашање е дали Матеус ќе успее да му го врати стариот сјај на унгарскиот фудбал - на почетокот на 50-тите години на минатиот век репрезентацијата на таа земја беше непоразена полни 4 години, се' до финалето на светското првенство во Швајцарија во 1954-та година, кога беше совладана од Германија со 3 спрема 2. Потоа имаше само уште неколку светли момменти за некогашните уметници со фудбалската топка. Сегашните репрезентативци веруваат дека од Матеус ќе можат многу да научат и оти предводени од него ќе се изборат за настап на некој голем настан, иако во квалификациите за годинашното европско првенство доживеаја неуспех. Лотар Матеус, и покрај притисокот и големите очекувања од него, е самоуверен: "Неопходно е и делче среќа токму за да се направи малата разлика која можеби ќе биде доволна за да се обезбеди учество на едно светско првенство".
Матеус прво сака да ги запознае играчите. Првиот тест за него ќе биде еден турнир на Кипар во февруари.