1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Усвоен ребалансот на буџетот

Владата на Македонија го усвои ребалансот на Буџетот за 2012 година, со кој има намалување меѓу 4,5 и 5 отсто. Нови задолжувања од 250 милиони евра кај Дојче Банк

Министерот за финансии Зоран Ставрески соопшти дека ребалансот предвидува намалување на вкупните буџетски расходи за 7,6 милијарди денари и намалување на буџетските приходи за 7 милијарди и 390 милиони денари. Истакнувајќи дека ниту едно министерство нема да биде поштедено од кратењето на расходите, Ставрески рече дека ќе се штеди во три категории - стоки и услуги, трансфери и капиталните расходи.

Како што појасни вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески потребата за корекциите во буџетот е последица од кулминацијата на економската криза во еврозоната, а рецесијата во повеќе европски држави се одразила и врз буџетските приходи на Македонија.
Надолната корекција на проекцијата за растот на БДП е извршена врз параметрите од првите три месеци од годината, кога е забележан пад на индустриското производство, што веројатно ќе предизвика негативна стапка на раст во првиот квартал од годината, појасни Ставрески.

„Нашите очекување се дека во останатите три квартали од годината ќе има подобрување на економската состојба и со антиципираната негативна стапка на раст за првото тромесечје, вкупно за целата година очекуваме раст од 2,5 проценти“, изјави Ставрески.

Тој додаде дека оваа бројка е сосема близу со предвидениот раст на ММФ, кој вчера потврди дека очекува македонската економија да се зголеми за два отсто.

Проекциијата за инфлацијата за 2012 година е пораст од 2,8 проценти, којшто истотака главно го рефлектира остварениот пораст на цените во првите месеци, како последица на поскапувањето на нафтата на светските берзи, објасни Ставрески.

Ставрески информираше дека на вчерашната седница македонската влада донела одлука да се задолжи кај најголемата европска комерцијална банка - Дојче банк за 250 милиони евра, кои ќе бидат вратени за пет години по камата од 6,83 отсто.

Овие пари ќе бидат наменети за финансирање на буџетски проекти, но и за рефинансирање на еврообврзницата која доспева на почетокот на наредната година, рече Ставрески, додавајќи дека Македонија повеќе нема да има потреба да користи средства од кредитната линија за претпазливост на ММФ.