1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Урната илузијата за квалитетно образование

Речиси половина од државните средни училишта во Македонија не ја положија втората по ред државна матура, бидејќи просечната оценка на нивните ученици е под двојка. Тие слободно можат да се оценат како повторувачи.

default

Македонските средношколци повеќе заинтересирани за оценки отколку за знаење

Учениците во 44 од 92-те државни средни училишта во Македонија не ја положија втората по ред државна матура, односно имаа просечна оценка под двојка. Новиот министер за образование Никола Тодоров најавува нови мерки за подобрување на квалитетот на образовниот процес, додека професорите ја признаваат грешката на возрасните – и наставен кадар и родители, за тоа дека се премногу попустливи кон учениците.

„ Да беа фирми, училиштата ќе одеа во стечај“

Стереотипот дека Македонија има одличен образовен систем полека се распрснува како меур од сапуница. Добро рече некој деновиве: Да беа средните училишта фирми, со ваквите очајни резултати веднаш ќе требаше да отворат стечајна постапка.

Mazedonische Zeitungen am Kiosk in Skopje

Македонските весници со остри критики за поразителните резултати од државната матура

Поразителен е податокот дека само три од државните средни училишта ја положиле матурата со четворка. Најдобри резултати и годинава покажаа учениците од скопската гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“, со просечна оценка од 4,12 , пред нивните колеги од скопската гимназија „Орце Николов “ и од музичкото училиште во Битола. Помалку од половина училишта се извадија со стаклена двојка , како просечна оценка од предметите на матурата.Трагедијата е во тоа што овие срамни двојки во текот на учебната година во дневниците и на крајот во свидетелствата, речиси без исклучок беа петки и четворки.

Изненадениот министер ветува активни мерки за подобрување на образованието

Весникот „ Дневник“ во викенд редакцискиот коментар посветен на поразителните податоци од втората државна матура во Македонија оценува дека резултатите ја уриваат несфатливо долго одржуваната илузија дека кај нас многу работи темелно не чинат, ама затоа пак образованието ни било „топ“. Резил-бројките покажуваат оти нашето темелно богатство, основниот ресурс - човекот и по 12 години учење, како прво, е проблематично описменет, по што непристојно станува и да се отвори прашањето на вистинското ниво на неговата образованост.

Mazedonien Land und Leute Schule Unterricht in Brodec

Со квалитетното образование мора да се започне уште во основните училишта

Соопштувајќи ги резултатите од државната матура министерот за образование и наука Никола Тодоров го изрази своето изнанедување и незадоволство од постигнатото па затоа и најави активни мерки за подобрување на квалитетот на наставата, оценувањето и целиот образовен процес.

„ Не смееме во никој случај да дозволиме порцијата на најслаби училишта да биде многу поголема од порцијата на успешни училишта“, вели министерот Тодоров.

Универзитетскиот професор Ненад Новковски, инаку поранешен министер за образование и наука, смета дека непочитување или немање стандарди за реално оценување, преобемни и застарени програми, неодговорни наставници, лоша уписна политика, неподготвеност на учениците и површни реформи во образованието се главните причини за фрапантно ниските оцени на екстерните тестови.

Потребна е редовна контрола на работата на училиштата

Директорката на гимназијата „Никола Карев“, Горица Илиоска инаку претседателка на здружението на директори на средните училишта, смета дека за ваквите срамни резултати се криви и возрасните, пред се наставниицте и родителите, но и децата, кои се премногу ноншалантни во наставата, кампањци во учењето и оптоварени со оценките, а не со стекнувањето реално знаење.

„ Признале или не слабите резултати се одраз на нашата работа и целокупната посветеност на наставниот процес. Овие резултати даваат слика на четиригодишната едукација на учениците, а не на едногодишна работа. Ако мислиме дека со интензивни подготовки ќе го надоместиме пропуштено на учениците тогаш сигурно сме се излагале“, вели Илиоска и дополнува дека смета оди решението на даденава лоша слика за образовниот процес лежи во два сегмента- редовна контрола и редовност на учениците.

„Чарето е поголема контрола над работата на училиштата. Значи редовна следење на работата на учениците и редовност на учениците“, децидна е таа.

Илиоска наведува дека не може еден ученик со 150 или 200 изостаноци од училиште да ги има сите петки или само со еден месец учење пред завршувањето на учебната година да се надомести сиот пропуштен материјал од текот на годината. Вината таа ја гледа и кај наставниците кои ненавремено испрашуваат и запишуваат оценки, како и на оние што им подлегнуваат на притисоците од родителите и другите колеги за поправање на оценките пред крајот на учебната година.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Симе Недевски