1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Упорноста е рецепт за успех

Во Прилеп живеат околу осум илјади Роми. Наспротив големиот број без работа и образование, има и позитивни примери. Селман Бајрам, е еден од успешните Роми. Кој е тој и каков е рецептот за неговиот успех?

default

Прилеп

Во Тризла маало, маалото каде живеат над осум илјади Роми, нема човек кој не го знае Селман Бајрам, зетот на газда Чако. И во овие пред ѓурѓовденски денови, кога цела Тризла мириса на манџи и баклави, од било која уличка се слуша гласот на неговото радио, Тернипе. Тој ќе ве однесе директно таму до семејната двоспратна куќа, пред која се паркирани неколку возила, вообичаениот статусен симбол на Ромите, нивната продавница пред која редовно група Роми навраќаат на ладно пиво. Тие што тука доаѓаат, за Бајрам ќе ви речат дека секирата му паднала во медот, дека газда Чако направил човек од него. Но не е така. Бајрам основно училиште завршил во Скопје, средно во Прилеп, а трновитиот пат, до она што е сега, го создавал сам. Најважна беше идејата и желбата да се отвори радиото, вели Бајрам, а потоа денот се претвораше во ноќ.

„Работам со медиум преку 14 години, а пред тоа работев во МРТВ како техничар. Имав толку многу волја и желба да отворам и јас медиум. Сум бил многу добар, со сите сум живеел, никој не ми препречил во сите овие години. Така напредував напред.“

Изучување на ромскиот јазик

Во 2001 година Бајрам го отвори Центарот за хендикепирани деца, „Про англе“ каде малите Ромчиња ги учи на нивниот ромски јазик.

„Во Прилеп претежно младите Роми не го познаваа својот мајчин јазик. Така ние решивме да ги научиме нашите дечиња во иднина да го познаваат својот мајчин јазик. Имаме добар успех, имаме по четириесет деца и секои три месеци ги менуваме, сега верувам дека над шеесет насто од децата го познаваат својот јазик.“

Со неговото Радио, на Ромите од Прилеп Бајрам им ги прошири видиците, но и им ја исполни желбата да имаат сопствено радио, каде на ромски јазик ќе можат да зборнат за своите проблеми. И неговите желби и понатамошни соништа се врзани за медиумската работа. Сонот му е ромска телевизија.

„Можам да кажам дека на двете страни сум успеал, и во медиумот и учејќи ги ромските деца. Ако успеам да отворам уште ромска телевизија, се надевам дека ќе успееме да направиме повеќе за нашите граѓани.“

Kind im Roma-Slum Shutka

Образованието е важен услов за ромските деца

Нова положба за Ромите

Полека но сигурно, Ромите ја напуштаат маргинализираната позиција, образованието и меидумите се оние кои можат да им помогнат во тоа, а Бајрам се надева дека во наредниве години тоа ќе се постигне.

„Во 2007 година имавме многу помалку деца кои имаа завршено средно образование. Сега во 2010 има над двесте-триста деца, а имаме и такви кои се запишани на факултети.“

Последниве години се‘ поголем е бројот на Роми кои Ѓурѓовден не го слават како верски празник, бидејќи најголемиот дел од нив ја прифаќаат муслиманската вера. Но сепак, традицијата за Ѓурѓовден да се наполни трпезата и да се почестат гостите, останала. Бајрам смета дека она што го има, треба да го подели со другите, така се чуствува посреќен.

„Сум задоволен од се‘, не сакам никако да навредам, да критикувам или да потценам, и среќен сум и задоволен.“

„Ниту верата, ниту националната припадност можат да бидат пречка да се остварат соништата“, вели Селман Бајрам, газдата на ромското радио Тернипе.

„Треба само да се биде упорен и да се работи, тоа донесува успех, но и среќа“.

Автор: Златка Пурковиќ

Редактор: Жана Ацеска