1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Упадот во Сони загрози 100 милиони корисници

Се продлабочува кризата во компанијата Сони откако беше објавено дека хакери упаднале во системот и успеале да стигнат до податоците на уште 25 милиони корисници. Украдени се и над 10 илјади податоци за кредитни картички

default

Сони соопшти дека хакери извршиле уште еден упад во нивниот интернет систем за игри, при што биле украдени податоците на нови, 25 милиони корисници. Последното признание доаѓа само еден ден откако вториот човек на компанијата Казуо Хираи соопшти дека се преземаат дополнителни мерки за заштита на корисниците од кибер-напади.

Упадот, за кој Сони информираше денеска, всушност се случил пред речиси две недели, односно еден ден пред главниот напад кој ја предизвика сета бура, и во кој беа украдени податоци на 77 милиони корисници. За разлика од главниот напад, чија цел беа корисниците на онлајн системот на конзолата „Плејстејшн“, во вториот напад настрадале љубителите на видео игри кои ја користеле мрежата на Сони за персонални компјутери. Во рацете на хакерите паднале имињата, адресите, електронските адреси, дати на раѓање и телефонски броеви на десетици милиони корисници.

Освен корисничките податоци, украдени се и повеќе од 10 илјади податоци за кредитни и дебитни картички на корисници од Европа, и над 12 илјади од останатиот свет.

Playstation Hackerangriff

Сони предоцна се извинува

Мрежите на „Плејстејшн“ и за персоналните компјутери им овозможуваат на корисниците да се поврзат преку интернет и да ги играат игрите на Сони со пријатели. Најголемиот дел од корисниците се од Северна Америка и Европа, каде веќе започнаа истраги на надлежните органи, а поднесени се и тужби против корпорацијата.

Во понеделникот, претставници на Сони одбија да се појават на сослушување во американскиот Конгрес, но прифатија писмено да одговорат на прашања поврзани со заштитата на правата на потрошувачите.

Компанијата синоќа беше принудена да го затвори својот сервис за „онлајн-игри“ и на социјалната мрежа Фејсбук, но засега не е познато дали хакерите успеале да дојдат и до податоците на играчите на Сони и на оваа мрежа.

Сони се најде на жесток удар на јавноста најмногу поради тоа што нејзините претставници се обидоа да го прикријат скандалот и за него информираа дури една недела по упадот на хакерите. Раководителите на компанијата во меѓувреме се извинија и најавија дека набрзо повторно ќе го вратат во функција системот, овојпат со зајакната безбедност и со бесплатна понуда за корисниците.

Прашање е дали тоа ќе биде доволно за да се врати довербата на потрошувачите, имајќи предвид дека Сони веќе извесен период ја губи битката со конзолите на Мајкрософт и Нинтендо, а по последниот скандал акциите на компанијата за еден ден паднаа за повеќе од 4 проценти.

Автор: Борис Георгиевски/ројтерс

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска