1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Унијата и СПД бараат коалициони партнери

Шпекулации за ваква или онаква коалиција, натегања околу тоа кој треба да биде канцелар, притисоци врз помалите партии да ги напуштат појдовните категорични позиции и да се приклучат кон еден или друг сојуз – тоа ја карактеризира политичката слика на вториот постизборен ден во Германија.

Ангела Меркел се става на реизбор

Ангела Меркел се става на реизбор

Веќе се одржуваат конститутивните седници на новите фракции во германскиот парламент. Кандидатот за канцелар на демохристијанските партии на Унијата ЦДУ/ЦСУ Ангела Меркел и претседателот на СПД Франц Минтеферинг се ставаат на реизбор како раководители на фракциите. Посебно занимливо е каков ќе биде резултатот на Ангела Меркел.

Меркел очекува од реизборот за шеф на фракцијата засилување на својата преговарачка позиција за обезбедување мнозинство за владина коалиција, по неочекувано големата загуба на гласови на неделните парламентарни избори. Таа нема противкандидат. Пред две години таа доби 93 проценти од гласовите. Унијата опстојува врз нејзината кандидатура за канцелар:

„Ние воопшто немаме никаква причина да се откажеме од аспирациите на Меркел за канцелар. Црвено-зелените се отфрлени на изборите, ние сме најсилна фракција во Бундестагот и зошто тогаш некој друг би требало да биде канцелар?“ – поставува реторско прашање заменик-шефот на фракцијата на ЦДУ/ЦСУ Вили Бозбах.

Шефот на социјалдемократите Минтеферинг на реизбор

Истовремено попладнево и социјалдемократите гласаат за потврдување на шефот на партијата Франц Минтеферинг како шеф и на фракцијата. Реизборот, едногласно препорачан од раководството на фракцијата, се смета за сигурен. 65-годишниот Минтеферинг од 2002-ра година е на чело на фракцијата. На денешната седница учествуваат членовите на досегашната, како и на новата фракција на СПД.

Паралелно социјалдемократски политичари вршат притисок врз либералите да не одбиваат разговори за црвено-зелено-жолта коалиција.

„Сметам дека е апсолутно неразбирливо зошто ФДП изјави дека нема да разговара со СПД. Тоа не оди. Партијата оствари сосем добар резултат и мора да учествува на такви разговори“ – вели Зигмар Габриел, член на претседателството на СПД.

Фракцијата на Зелените попладне ќе одржи консултации околу исходот на изборите, а раководство ќе избира подоцна. Фракцијата на Левичарската партија закажа средба за в петок, а посакува шефовски тандем Грегор Гизи - Оскар Лафонтен. Либералите се’ уште не закажале средба.