1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Уништување на сириско хемиско оружје во Германија

Остатоците од сирискиот арсенал на хемиско оружје е можно да бидат уништувани во постројка во покраината Долна Саксонија. Организацијата за забрана на хемиско оружје достави соодветно барање до Германија.

Во акцијата на меѓународната заедница за уништување на сирискиот арсенал на оружје за масовно уништување ќе учествува и Германија. Министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер во Берлин истакна:

„Мислам дека никој не смее да откаже ставање на располагање на техничките капацитети за таа цел“.

Како што се дознава од Берлин, Штајнмаер на маргините на вчерашната владина седница се консултирал со канцеларката Ангела Меркел и со министерката за одбрана, Урсула фон дер Лајен, околу темата:

„Уништувањето на оружјето може да биде првиот решавачки чекор со кој ќе се овозможи смирување на сирискиот конфликт“, е уверен Штајнмаер. Новата министерка за одбрана во овој контекст укажува на долгогодишното искуство на Германија во уништувањето на остатоците од хемиски боеви отрови. Според неа, логично е Германија да и‘ ја стави на располагање својата способност на меѓународната заедница и со тоа да даде драгоцен придонес во мировниот процес.

Организацијата за забрана на хемиско оружје, ОПЦВ, со седиште во Ден Хаг, испратила молба за помош до Германија, бидејќи Бундесверот располага со експерти за уништување на хемиско оружје. ОПЦВ го контролира транспортот и уништувањето на сириските залихи на хемиско оружје.

Стотици тони хидролизати

Материите кои треба да бидат уништувани во Германија се, според наводите, стотици тони хидролизати, кои настануваат во процесот на иреверзибилното неутрализирање на боевите отрови. Овој прв чекор на уништување на боевите отрови ќе се одвива на специјален американски брод на отворено море.

Хидролизатот може да се спореди со течниот индустриски отпад. Тој треба со брод да биде доставен во Германија, а потоа со камиони или железнички контејнери натаму пренесен во ГЕКА (Друштво за рециклажа на хемиски боеви отрови и оружје) во Мунстер во Долна Саксонија ( на насловната фотографија). Таму хемикалиите ќе бидат целосно уништени по пат на согорување. Од нив остануваат на крајот само неопасни соли, истакнуваат експертите.

Првите количини хемиско оружје ја напуштаат Сирија

ГЕКА е единственото претпријатие во Германија со дозвола за уништување хемиска муниција. По налог на државата, во ГЕКА, на полигон за воени вежби, годишно се уништуваат до 50 тони од стариот арсенал на муниција со боеви отрови. Централната лабораторија на Военонаучниот институт за одбранбени технологии - АБЦ заштита, која се наоѓа покрај ГЕКА, е една од 20-те институции во светот која се користи за испитувања според потребите на ОПЦВ.

Сирискиот режим на властодржецот Башар ал-Асад, под притисок на меѓународната заедница, се согласи да го уништи целиот контигент на своето хемиско оружје. Претходно во август при напад со хемиско оружје во Дамаск загинаа стотици луѓе. До крајот на јуни треба да заврши целокупниот процес на уништување на хемиското оружје. Но, континуираните борби во рамките на граѓанската војна го отежнуваат и пролонгираат транспортот на хемиското оружје од Сирија.

DW.COM