1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Уништени партиски штабови

Во очекување на претходницата на 250-те набљудувачи на ОБСЕ, во Македонија за време на викендот, во политичката битка пред изборите, повторно употребено насилство.

Предизборни пораки: во производството на еколошка храна лежи голем потенцијал

Предизборни пораки: во производството на еколошка храна лежи голем потенцијал

За време на викендот во Скопје и Прилеп вандалски напади врз скромните локални изборни штабови, и тоа само три дена по лидерската декларација, со која се осудуваат сите насилнички обиди да се делегитимираат следните парламентарни избори. Активистите на Новата социјалдемократска партија во Прилеп и на ДПА во Скопје велат:

“Нашите политички опоненти ги плаши нашиот висок рејтинг и приливот на ново членство и можам да кажам дека е ова вовед во нерегуларни избори и валкана политичка кампања“

“Ова е резултат на голем број префрлувања односно пристап на поранешни членови на ДУИ кон ДПА, како што беше случајот во Кичево на шести мај годинава, кога преминаа околу 530 лица. Истиот случај е и во Скопје, во овој дел на населението.“

Симптоматично е што предизборните инциденти се случуваат во средини каде што пред две години, за време на локалните избори, беа регистрирани големи неправилности, физички конфронтации и фалсификати. Неделава пристигнува претходницата на меѓународните набљудувачи – 10% од најавените 250 претставници на ОБСЕ. Тие ќе го следат текот на предизборието. По неговиот старт, патиштата на главните ривали за време на викендот првпат не се вкрстија. Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски отиде во Струмица, премиерот Владо Бучковски во Кичево. И двајцата говореа за социјалните пакети од партиските платформи. Груевски рече:

“Предвидуваме намалување на данокот на додадена вредност за земјоделските производи и земјоделските репроматеријали и механизација, предвидуваме низа мерки од делот на економијата и тоа од делот на микроекономската област, со кои што треба да се привлече странски капитал во државата“, изјави Груевски во Струмица, која ја даде главнината на раноградинарскиот извоз од минатата година.

Во производството на храна и Бучковски го гледа амортизирањето на социјалниот гнев во запустениот Македонски брод, каде што нема ниту еден погон:

“Единствена шанса и за дел од поранешните работени во Самоков и за невработените ќе биде да ги помогнеме проектите што вие ќе треба да ги дадете за развој на мали и средни бизниси за производство на био-храна. Тоа е иднината. Овде имате одлични можности“, вели премиерот, кој денеска го дочекува хрватскиот колега, Иво Санадер. Дали со него ќе издејствува хрватски гаранции, за од Хаг да биде вратен Љубе Бошковски, како добар предизборен адут во Македонија? Македонската влада е подгтовена да ги плати сите адвокатски трошоци (од речиси еден милион евра) за судскиот процес против Бошковски и Тарчуловски пред Хашкиот трибунал.