1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

УНИФИЛ не може да го реши проблемот

Коментар на Петер Филип

Набљудувачко место на УНИФИЛ во Либан

Набљудувачко место на УНИФИЛ во Либан

Кога во 1978 година беа договорени “Трупи на ОН за Либан“ – УНИФИЛ, по само три дена првите сини шлемови пристигнаа на лице место. Од првично 4 500 војници, трупите беа проширени на 8 илјади, но денеска во силите служат само две илјади војници од осум земји. Недоволно, оцени Советот за безбедност на ОН во резолуцијата 1701 од пред една недела. Зашто УНИФИЛ треба да и помогне на либанската армија да го воспостави повторно авторитетот на централната влада во Јужен Либан. Тоа е првичниот мандат на сините шлемови. И, за тоа да успее, предвидени се 15 илјади сини шлемови плус 15 илјади либански војници.

Една недела по донесувањето на резолуцијата на ОН, јасно е дека подготвеноста за ставање на располагање на 15 илјади војници не е многу голема. Особено разочарува Франција, зашто наместо очекуваните две илјади, таа нуди само двеста војници. Италија, по првичната подготвеност, сега е исто така воздржана. А, во Германија е разјаснето – нема испраќање копнени трупи, туку патроли на морнарицата, санитетски брод, логистика и можеби гранични контроли во Источен Либан.

Причините за воздржаноста на Германија лежат делумно во германско-еврејското минато, колебањето на останатите Европејци, меѓутоа, има цврсти воени причини. Јасност за точниот мандат на идните УНИФИЛ трупи сакаат особено Париз и Рим. Доколку, имено, се остане на подобри контролни дејности, со право на самоодбрана во случај на напад, тогаш овие сили ќе останат безуспешни како и досега. Доколку, пак, се предвиди разоружување на вооружените групи во регионот, а тоа во прва линија е Хезболах, и тоа ако е потребно и со сила, тогаш е потребен навистина робустен мандат, за кој што во последно време се зборува толку многу.

Останува прашањето – дали и како УНИФИЛ воопшто сака да го разоружа Хезболах. Тоа премногу лесно би можело да се претвори во отворени борби, а никој од потенцијалните испраќачи на мировни сили очигледно нема интерес за ваква конфронтација. Токму сега се виде дека Израел во такво нешто не успеа. А, се знае и дека либанската армија тоа не го може и можеби и не го сака.

Но, Европејците беа поттикнувачката сила за оваа резолуција на ОН, и ако сега се оди според принципот “Испери ми го крзното, но немој да ме намокриш“, тогаш тоа на извесен начин е за срамота. И тоа уште повеќе што се повикува и на ангажман на муслимански држави. Тие, пред се Индонезија, се пријавија веднаш,но не беа третирани баш како неутрални. Кога сега Европејците ги изнесуваат своите во некоја мерка и разбирливи оградувања, тогаш тие се одеднаш повторно доволно добри.

Како и да биде составен УНИФИЛ – трупите не можат да го решат проблемот на Јужен Либан и на Хезболах. За тоа е потребно внатре-либанско регулирање на работите, кое досега беше невозможно.