1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

УНЕСКО регистрира говор на омраза за време на кампањата

Во текот на набљудувањето на медиумското известување за локалните избори, од 3 до 14 март, регистрирани се случаи на говор на омраза, а забележани се и потпалувачки говори во кои имплицитно се сугерира насилен расплет.

Ова е главен наод од вториот извештај на Катедрата на УНЕСКО за медиуми, дијалог и заемно разбирање при Високата школа за новинарство и за односи со јавноста. Анализата покажа дека во најголем број случаи, кога е забележан говор на омраза или потпалувачки говор во медиумите, се работи за пренесени изјави на политичари, колумнисти и друг тип креатори на јавното мислење во Македонија.

Најсилните потпалувачки пораки во овој период беа трансферирани говори од политичарите кои учествуваат во изборната кампања на партиите. Без оглед на фактот што најчесто станува збор за потпалувачки говор кој потекнува од политичари, организации или поединци надвор од медиумот, редакциите не можат да се амнестираат од сопствената одговорност за ефектите и последиците што тој говор може да го остави врз меѓуетничките односи.

Filmkamera

Редакциите не можат да се амнестираат од одговорност под изговор дека само пренесувале снимени изјави

Забележана тенденција во известувањето кај повеќе медиуми е и фактот што како извор на информации користат текстови целосно преземени од други медиуми или од социјални мрежи, во кои има непроверени информации за сензитивни меѓуетнички прашања.

Практиката на т.н. „копи-пејст“ новинарство е особено опасна во услови кога непроверените и непредизвиканите информации прават негативна стереотипизација за етнички групи и можат да ги продлабочат дополнително сензитивните меѓуетничките односи.

Набљудувањето се одвива како дел од активностите на проектот „Набљудување на известувањето на медиумите за партиско – политичките и меѓуетничките прашања во текот на предизборниот период“, кој се реализира со поддршка од Амбасадата на Холандија и Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија. Во набљудувањето се вклучени 21 медиум, кои се избрани според влијанието што можат да го имаат врз публиката, односно според податоците за нивната гледаност, слушаност и читаност.