1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Унгарците го нападнаа седиштето на владејачката партија

Противниците на уставните промени во Унгарија го нападнаа седиштето на владејачката партија Фидеш поради подготовката на нов Устав. Власта го обвинува опозицискиот лидер дека стои зад протестите на граѓаните

Повеќе десетици демонстранти влегле во четвртокот во дворот на зградата во која се наоѓа седиштето на унгарската конзервативна партија на власт Фидеш, но не успеале да влезат во самата зграда, протестирајќи против најавените измени на уставот на земјата.

Унгарскиот парламент в понеделник на 11-ти март треба да се изјасни за повеќе измени на уставот кој на 1-ви јануари 2012 година го замени стариот устав, кој конзервативниот премиер Виктор Орбан го нарече остаток од комунистичките времиња.

Новиот Устав на Унгарија опфаќа различни сфери, од правосудството и правната позиција на религиите во општеството, до медиумите и става акцент на христијанските вредности. Прифатен е благодарејќи на двотретинското мнозинство што го има владејачката Фидеш во парламентот.

Опозицијата и противниците на промените сметаат дека со новите уставни измени дополнително се загрозуваат демократијата и основните човекови права. Додека се обидувале да ја заземат зградата на владејачката Фидеш, демонстрантите извикувале „Устав! Демократија! Правна држава!“. Полицијата притоа спречила еден од демонстрантите да влезе во просториите на партијата.

„Во земјава се гради систем на насилство, како во диктатура“, изјави еден од демонстрантите.

Партијата Фидеш во издаденото соопштение тврди дека протестите се „агресија“ којашто ја организира еден опозициски челник и поранешниот премиер од левиот центар Гордон Бајнаи чиешто движење Заедно 2014-та веднаш негираше каква и да е вмешаност во протестите.

Европската комисија, Европскиот парламент и Советот на Европа ја критикуваа четвртата измена на уставот на Унгарија. Унгарската опозиција има намера во сабота да одржи протести пред зградата на парламентот.