1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Унгарското стопанство е парализирано

Унгарската економија се наоѓа во криза. Системот од непрегледни даноци и давачки ги заплашува и странските фирми. Многу западни банки ги повлекуваат своите пари. Ова особено го чувствуваат малите и средни претпријатија.

Една млекарница произведува сирење, урда и јогурт - на ваквите мали претпријатија не им е лесно; даночниот товар е преголем. За купените производи се плаќа данок на додадена вредност од 27 проценти, највисок во Европа. Претприемачот се чувствува беспомошен пред сплетот од различни даноци, социјални трошоци и субвенции за работна сила.

„Голем проблем во Унгарија се високите даноци и давачки. Државата збира премногу. Затоа не се согласувам со сегашната економска политика“, вели претприемачот Иштван Черпеш.

Viktor Orban EU Tadel Ungarn Sparmaßnahmen

Виктор Орбан има двотретинско мнозинство во парламентот во Будимпешта

Премиерот Виктор Орбан има двотретинско мнозинство во унгарскиот парламент. Државниот секретар во министерството за економија ја брани даночната политика - се закануваше државен банкрот, а сега благајните на државата повторно се полнат.

„Домашна задача ни беше да го намалиме државното задолжување и веќе успеавме во тоа. Квотата на задолжување во споредба со брутодомашниот производ чекор по чекор е намалена и можеме да го држиме дефицитот под три проценти,“ подвлекува државениот секретар во министерството за економија Золтан Чефолвои.

Со специјални даноци унгарската влада посебно ги оптовари странските банки, осигурувања, но и синџири супермаркети и телекомуникациски претпријатија. Тие веднаш реагираа; огромни суми пари беа повлечени, што доведе до постојано опаѓање на вредноста на домашната форинта. Своеволно, некоординирано и катастрофално за унгарското стопанство, негодуваат опозиционите политичари, оти економијата минатата година доживеа пад од 1,7 проценти.

Екс-министер за финансии Петер Оска потенцира: „Тие го користат имотот на мултинационалните, големи инвеститори и парите на финансиската бранша за сопствени политички цели. Тоа значи дека ништо не преостанува за кредитното стопанство, за инвестиции. Малите, но исто така и големите претпријатија веќе не развиваат никакви активности.“

Во земјата владее кредитна блокада. Тоа го почувствува и млекопроизводителот во Капувар. Претријатието сака да го извезува во другите земји на ЕУ својот најдобар производ, штангли од урда прелеани со чоколада. Но, за да го прошири бизнисот, на претпријатието му е потребен кредит, а од банките во моментов не може да добие пари.

„Порано во Унгарија немаше проблем да се добие кредит, со тоа и работевме. Меѓутоа сега речиси е исклучено да се добијат пари од банка“, појаснува претприемачот Черпеш.

И тоа иако неговото претпријатие има позитивен биланс. Фирмата се надева дека барем домашниот пазар ќе остане стабилен и дека куповната моќ на Унгарците нема натамошно да се намалува.