1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Унгарија дели ордени на антисемити

Уште едно свртување во десно: унгарската влада им врачи високи државни признанија на поединци познати по своите антисемитски и десно-екстремистички изјави.

По повод националниот празник на Унгарија, 15. март, најважното државно признание за новинари, наградата Танчиш, ја доби телевизискиот водител Ференц Санисло. Тој на својата ТВ станица „Ехо“, блиска на владејачката партија Фидес, ширеше антисемитски теории на заговор, а ромското малцинство го нарекуваше „мајмуни“. Контролниот орган за медиумите поради тоа во 2001 година ја казни ТВ „Ехо“ со парична казна.

Орден за заслуги доби и археологот Корнел Бакаи, кој тврдеше дека Исус Христос не бил Евреин, туку кнез на Партите, стар ирански народ кој наводно бил во сродство со Унгарците. Освен тоа, Бакаи ги обвинува Евреите за организирање трговија со робови во средниот век.

Златен крст за заслуги доби Јанош Петраш, пејач на рок-групата „Карпатија“, која се смета за блиска на екстремно десничараката парламентарна партија Јобик. „Карпатија“ е автор на маршот на во меѓувреме забранетата паравоена унгарска гарда, која ја имаше основано партијата Јобик. Рок-групата во своите текстови зборува за „безгрешна нација“ и повикува на насилна промена на границите на Унгарија.

Zoltán Balog Minister für Humanressourcen Ungarn

Министерот Золтан Балог не ги повлекува признанијата

Золтан Балог, министерот во чија надлежност е доделувањето на ордените, изрази жалење поради наградата на новинарот Санисло. Балог наводно не знаел за антисемитските изјави на телевизискиот водител. Но, не постојат правни инструменти за одземање на еднаш веќе доделената награда, тврди Балог, не коментирајќи ги останатите спорни признанија.

Во знак на протест на доделеното одличје на Санисло, повеќе од десет поранешни добитници ги вратија наградите. Опозиционите коментатори наградувањето на личности од крајната десница го оценуваат како гест на одобрување на владата упатено кон Јобик и екстремната десница.