1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Уметност насекаде

„Уметност насекаде“ е проект кој ја претвори Велика Британија во најголема галерија на отворено во светот. Две недели, на повеќе од 20.000 плакати и билборди, можеа да се видат некои од британските ремек-дела.

Внимание! Уметност! Дејмиен Хрст на пералница, слика над прометна улица, инсталација на Аниш Капур пред станбена зграда. Со проектот „Уметност насекаде“ дел од најпознатите уметнички дела во Велика Британија се најдоа на и под улиците. Ширум земјата, за период од две недели. Дел од граѓаните оценуваат:

„Да имаш пристап до уметност во метро или на билборди на улица е извонредно. Навистина неверојатно.“

„Добра идеја, зашто на луѓето кои вообичаено не одат во галерии им овозможува ’да се сопнат’ на уметнички дела.“

„Кој нема време за музеј, може да ги види уметничките дела на улица. Многу подобро отколку рекламирање.“

„Пристапно е, слободно и публиката може да ужива кога и како сака.“

При купување, на пат до работа, чекајќи автобус. Насекаде оптички дразби, но вообичаено речиси исклучиво се реклами. Сега дел од нив беа заменети со уметнички дела. На огромни плакати се прикажувани сцени од Првата светска војна. „Офелија“ од сер Џон Еверет Милеј висеше во Хекни, а кај Вестминстер Еби можеше да се види модерна уметност.

Уметност во градски центар или на автопат. Најголеми британски уметници, како Лусиен Фројд, на повеќе од 20.000 постери или рекламни паноа. Идејата Велика Британија да се претвори во „галерија под отворено небо“ беше на претприемачот Ричард Рид.

„Во Лондон секогаш одев на работа по прилично мрачни улици. Еднаш некој имаше закачено прекрасна слика, без некоја причина, едноставно само заради убавина. Тоа ме разведруваше секое утро и си реков дека би било извонредно доколку тоа се направи насекаде“, вели Рид.

Уметничките дела за оваа изложба ширум земјата не ги избраа критичари на уметност, туку за нив гласаа интернет-корисници. На избор беа ставени исклучиво британски ремек-дела од последните 6 века. На крајот 57 беа избрани и отпечатени на плакати. Финансиите се обезбедени преку краудфандинг-акција, а најмалиот удел изнесуваше помалку од пет евра. Маркетинг индустријата ги стави рекламните паноа две недели бесплатно на располагање.

Стивен Дјухар, од „Art Fund“, оценува: „Не е вистинска уметност, но е чекор во таа насока. Оваа акција е огромна реклама за музеите и за уметноста. Би ме изненадило доколку овие постери не привлечат посетители во музеите. Сигурно ќе привлечат.“

И сер Питер Блејк, еден од најпознатите претставници на Поп-артот, се надева дека акцијата „Уметност насекаде“ ќе го засили интересирањето за уметност.

„Претпочитам луѓето да го видеа моето оригинално дело, но можеби и ќе го видат, ако минаа одовде, видоа и дознаа каде е изложен оригиналот. Не изгледа толку добро како оригиналот, но океј е, како надополнување“, вели Блејк.

Обвивката за грамофонска плоча на Битлси од 1967 година, негова креација исто така се најде на плакатите. Преку мобилна апликација секој можеше да дознае повеќе за уметничките дела, да се информира во кој музеј се наоѓа оригиналот.

Луѓето во цела Велика Британија во потрага по слики. Се правеа онлајн-фотогалерии, на Фејсбук и Твитер се постираа фотографии од Глазгов, Норвич и Манчестер.

Сликите не паѓаа веднаш в очи. Надвор од музеите тие делумно се губеа во градскиот пејзаж. Сепак, организаторите се надеваат дека акцијата ќе се повтори. Марк Сендс од галеријата „Тејт“, вели:

„Релативно е евтино, но неопходни се многу добра волја и напор за да се реализира. Ме интересира дали тоа ќе го направиме и догодина и дали уште некој во светот ќе ја преземе идејата? Насетувам дека ќе биде така.“