1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Уметноста ја преброди економската криза

Пазарот на уметнички дела речиси се опорави од финансиската криза. Прометот на саемите и на аукциите повторно расте. Дали можеби токму кризата ги поучи инвеститорите дека во уметноста се добро вложени пари?

Арт Колоњ повторно привлече бројни посетители

Арт Колоњ повторно привлече бројни посетители

Прометот на саемите и на аукциите повторно расте. Од тоа профитираше и Арт Колоњ, најстариот саем на уметноста кој се одржа во Келн минатата недела. Дали можеби токму кризата ги поучи инвеститорите дека парите вложени во уметноста се добро вложени и ќе преживеат и тешки времиња?

Стравот од инфлација им погодува на уметниците

Катастрофата во Фукушима е настан кој не може да остане без последици ниту на пазарот на уметнички дела. Галеристот Томас Цандер на годинешното 45 издание на Арт Колоњ претстави џиновска фотографија на американскиот уметник Мич Епштајн од неговата серија „Американска сила“ од 2004 година.

На сликата се гледа напуштена куќа која стои покрај зградите за ладење на една нуклеарна електрана во Чешајр во американската држава Охајо. Од зградата излегува густ чад, а куќата е предвидена за уривање. Цандер е галерист од Келн, кој се специјализираше за фотографии чија главна карактеристика е концептуалната уметност. Со тоа тој пополнува мал, но многу важен сегмент на пазарот.

Flash-Galerie Polen Art Cologne 2011

„Пазарот со уметнички дела моментно функционира многу добро. Мислам дека луѓето се плашат од инфлација и затоа вложуваат во уметнички дела, за да не изгубат премногу пари“, оценува Цандер.

Најстариот уметнички саем во Германија

Арт Колоњ е добро место за купување уметнички дела. Тој не е само еден од деветте уметнички саем иво Германија, туку најстарата таква изложба. Првпат е отворен пред 44 години, во 1967 година во Келн, а тогаш се викаше поинаку.

Тој меѓународен саем собираше галерии на модерна уметност за да ги претстават актуелните струи, младите уметници и новите трендови. Арт Колоњ во периодот меѓу 70-те и 90-те години на минатиот век беше многу ценет. Работите одеа толку добро што слични саеми започнаа да никнуваат и во други земји и градови. Прво дојде Арт Базел, кој на почетокот на новиот век отвори филијала во Мајами Бич во САД. Подоцна во Европа беа отворени и ФИАК во Париз, Арт Брисел или Фрици Арт феар во Лондон. Во меѓувреме, речиси секоја метропола во светот, од Дубаи до Мексико Сити доби сопствен уметнички саем. Конкуренцијата го доведе Арт Колоњ во сериозна криза.

Art Cologne 2011

По финансискиот крах во 2008 година галеристите очигледно повторно се решаваат да играат на сигурно. А тоа е Арт Колоњ и германската област по течението на Рајна, позната по своите уметници од 20 век и по своите колекционери. Хари Либке од галеријата Ајген унд арт по подолга пауза повторно се врати во Келн

„Пред пет години се патуваше наваму-натаму, вистински патувачки циркус. Не беше неизоставно потребно да се биде онаму каде беа и колекцинерите, тие и онака беа постојано на пат. Но, времињата се променија, луѓето мораат повеќе да работат за да можат да купат уметничко дело, значи, врзани се со местата од каде доаѓаат. Дотолку е поважно да се патува на местата каде работат луѓето“, се жали Либке.

Најголемите зделки се прават во странство

Финансиската криза во Германија речиси не доведе до затворање на галерии. Но, прометот беше намален. Герит Гризе од Здружението на галериите:

„Сметам дека последиците на финансиската криза беа подраматични отколку што ги проценуваме. Не постојат веродостојни бројки за развојот на пазарот со уметнички дела, но постојат јасни знаци дека меѓу 2007 и 2009 година е забележан пад на прометот од 20 до 25 проценти“.

Во добрите времиња шпекулантите навалуваа на пазарот и со ред купуваа уметнички дела од познати имиња, наместо според квалитет или колекционерска страст. Во 2006 година, значи кратко пред кризата, трговијата со уметнички дела направи промет од 1,3 милијарди евра во Германија. Но, големите зделки не беа направени во земјата, ниту со современици нити со старите мајстори. Во поглед на аукциската продажба Германија се наоѓа дури на петто место во меѓународни рамки.

Flash-Galerie Art Cologne

„Кога станува збор за германскиот пазар на уметност, за него се зборува со потсмев, зашто големите зделки се склопуваат во Лондон или Њујорк. Во текот на една аукциска недела во Њујорк се постигнува промет колку за цела година во Германија“, вели Фризе.

Според неодамнешното истражување на интернет платформата artprice. com најголем промет лани е остварен во Кина, следува Њујорк, па Лондон. На германскиот пазар лошо делува регионализацијата, нема постојана адреса за собир на уметничката сцена. За разлика од САД, Велика Британија и Франција, во Германија има многу уметнички центри: Хамбург, Келн, Берлин, Франкфурт на Мајна, Дрезден или Минхен. Позитивното е тоа што тоа барем значи и разновидност во уметничката понуда.

Автор: Сабине Елце/ Жана Ацеска

Редактор: Симе Недевски