1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Уметноста како инвестиција во несигурни времиња

Во потрагата по сигурни инвестиции, старата докажана практика за вложување во недвижнини, веќе не е првиот избор на инвеститорите. Како би било кога инвестицијата би можела да се закачи дома, на ѕидот?

default

Што е добра, што лоша инвестиција?

Почетна понуда - шест милиони американски долари. Светскиот пазар на уметност во изминатите години бележи огромен развој, што и може да се види на аукцијата во Њујорк:

„Сотби, на пример, во првата половина на 2011 година, има забележано најдобар резултат во својата историја со 3,4 милијарди американски долари. Тоа е силен белег за пазарот на уметност“, вели Галус Пезендорфер, раководител на келнската канцеларија на Сотби.

Сопственците на уметнички дела оваа година размениле над 440 парчиња, со вредност од над еден милион американски долари. До пред неколку години беше сосема поинаку. За време на финансиската и економска криза во 2008 година, на пазарот на уметност беше забележлива воздржаност.

„Тоа не беше вистинска криза на пазарот на уметност. Јас повеќе би рекол дека се работеше за несигурност на муштериите кои веќе немаа доверба во банките. Не сум доживеал некој муштерија на телефон да ми каже: ’Сакам да продадам, но не знам што да правам со парите, како да ги вложам?’“

Идејата не е нова

Во насока на вложување во уметнички дела пред неколку години своите клиенти ги советуваа приватните банки и управници со имот на големите банки. За оние кои немаа доволно пари дури постоеше фонд за таа намена или удел во уметнички дела.“

Symbolbild Auktion

Сотби, во првата половина на 2011 година, има забележано најдобар резултат во својата историја

Во меѓувреме, многу банки се откажаа од бизнисот со уметнички дела. За нив веќе тие зделки не се доволно вносни, зашто само мал број клиенти можат да си дозволат инвестиции во милионски износи. Освен тоа, трговијата со уметнички дела не е помалку ризична од таа со акции, а освен тоа за нејзе е потребно многу време:

„Стабилна вредност имаат, на пример, делата на старите мајстори, импресионистите, значи уметниците кои имаат свое постојано место во историјата на ументоста. Поризично станува кога се навлегува во уметноста на сегашноста, но дури и уметници од совремието, како Бејкер или Ворхол, имаат свое стабилно место во историјата на уметноста и нивните дела можат да се третираат како стабилни во вредноста.“

Не смее да се купува без размислување

Делата на познатите уметници на аукциите можат да достигнат двоцифрени милионски износи. Ако делото на американскиот уметник Енди Ворхол „200 банкноти од еден долар“ во 1980-тите имаше вредност од 385.000 долари, пред неколку години достигна цена од над 40 милиони долари.

Сепак, Пезендорфер предупредува дека заинтересираните не смеат да купуваат без размислување: „Препорачуваме клиентите веќе да имаат интерес за уметност, да размислат што лично им се допаѓа, па потоа да купуваат.“

Во времиња, во кои дури ни државните обврзници веќе не се сигурна инвестиција, потентните инвеститори бараат алтернативни форми за инвестирање. Ако сликата што ја купиле не се покаже толку добра инвестиција како што било ветено, тогаш барем дома се има слика која му се допаѓа на сопственикот.

Автор: Чи Виет Џанг / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска