1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Уметноста и политиката во остар судир?!

Спорот меѓу политиката и уметничкото творештво во Македонија прераснува во остар судир. Некои уметници се жалат дека треба да станат кловнови на партиите и моќниците, за да преживеат, други имаат поинакви гледишта.

Сликарот и мултимедијален уметник Александар Станковски вели: „Ако уметникот е убеден во одредена политичка опција, или идеологија, која се заговара во јавноста, тогаш не е во колизија со сопствените убедувања. Но, ако тоа го прави за да приграби материјална корист, тогаш испаѓа дека е лажна неговата уметност, оти ја става во служба на одредена идеологија“.

Mazedonien Denkmal Kunst Denis Saraginovski Obezglavenite

„Обезглавените“ - од изложбата на неформалната уметничка група „Кооперација“ насловена: „Лични политики“

Академик Милан Ѓурчинов, истакнат прозаист и поет, се надоврзува: „Поголем дел од уметниците е замолчан, или служи, се вклучува во партиските интенции и тенденции. Дел од уметниците сметаат дека ќе може да напредуваат, само ако бидат блиски со политиката, со некоја партија. Тоа е фатално за уметноста и претставува враќање кон еден нов ’социјалистички реализам’, што го диктира некоја партија. Природно уметникот е оној кој се буни и протестира, барајќи подостоен живот за сите. Не само за него. Секоја иделогија, па и партија, настојува да присобере околу себе колку е можно поголем број уметници, кои ќе ги поддржуваат нејзините идеи. Но, тоа не значи дека сите уметници се поддале под таквите предизвици. Власта често истапува во јавноста дека дава големи пари за културни манифестации, или активности. Но, парите се даваат неселективно. Треба да се знае до кого тие ќе стасаат: дали само до овие што му ракоплескаат на ова што се случува, или и до некои што имаат свои критички ставови, кои мислат дека тоа не се најдобри потези? Во ваква клима се шири автоцензурата, за да се обезбеди егзистенција.“

„’Скопје 2014’ – надградба, или демолирање на македонскиот идентитет“

Еден од најоспоруваните проекти во јавноста е „Скопје 2014“, означен од неговите противници како „политичко влијание врз уметноста и уметниците“. Зошто?

Ѓурчинов вели: „’Скопје 2014’ е чисто партиска конструкција. Само на минорните уметници може да им текне такво нешто, вистинските уметници тешко може да стојат зад таков проект, затоа што во секој нација, па и нашата, постои идентитет, но и постои и континуитет. Мораме да се надградуваме врз наши традиции, а не врз некакви нови, кои се се’ уште недокажани и непотврдени и со тоа да истапуваме во светот. Тоа не прави честопати смешни“.

Станковски го брани споменатиот проект и додава: „Денес тие што учествуваат во ’Скопје 2014’ работат за надоместок, нема некаква политичка волја. Се работи за чиста преференција, која е поврзана со професионалноста на уметниците. Дел од уметниците, па и од оние најавангардните, учествуваат во ’Скопје 2014’“.

Mazedonien Denkmal Kunst Igor Toshevski

„Напред кон минатото“ од изложбата на неформалната уметничка група „Кооперација“ насловена: „Лични политики“

Визуелниот уметник и член на неформалната уметничка група „Кооперација“ од Скопје Игор Тошевски е категоричен: „Овој мегапроект не е толку важен за градежништвото, ниту е економско решение, туку е манипулација со колективниот идентитет. Градејќи го овој ’нов’ идентитет, сведоци сме на грубо демолирање на досегашниот, со кој сме се врзале органски. Ова корнење на историјата се доживува како траума, бидејќи биваат збришани пред ваши очи сите вредности врз кои е изграден колективниот идентитет“.

Професорот по естетика Иван Џепаровски коментира: „Постојната власт ја определи културата како приоритет и инвестира во археологија, во архитектура, во скулптура и литература. Но, најважен е начинот како се прави сето тоа. Инструментализацијата на естетското може да доведе до страотни поларизирања, кои и се случуваат кај нас. Во културната јавност се случија огромни тектонски поместувања и за кратко време се реализираат големи проекти, но без поширока стручна и научна расправа. Тоа требаше да му претходи особено на ’Скопје 2014’“.

Дали уметноста и уметниците имаат смелост и способност да ги „пополнуваат дупките“, кои „ги раскопуваат политиката и политичарите во општеството“, како што велат одделни културни дејци?

Станковски одговара: „Има ’дупки’ од идејно и од формално-историско происходство. Кај првите се работи за конфликт меѓу одредени политички опции, кој се одвива преку уметноста и врз грбот на уметниците. Но, ако мислите на антиквизацијата, на пополнувањето на историско-стилските ’дупки’ во македонската уметност, тоа е поради неможноста македонската нација навремено да дејствува во рамки на европеизмот и да се дефинира себеси како нација. Антиквизацијата не е политички, туку психоаналитички проблем на цела една нација, која пропуштила да се изрази себеси во нововековната уметност од 15-иот век до втората светска војна. Тоа не е некакво 'пополнување дупки', туку пост-фестум европеизација. Многу луѓе кои не ја гледаат така систематски и темелно историјата на уметноста, го сметаат тоа како, како враќање назад“.

Членот на неформалната уметничка група „Кооперација“ Тошевски одговара: „Уметноста не треба да ги 'пополнува дупките', ниту да ги 'израмнува нерамнините'. Напротив, таа е задолжена да ги раскопува задскриените проблеми. Штом би се престанало со преиспитувањето на ваквите позиции, уметноста станува мртва, односно декор и алатка во рацете на авторитарните системи. Малкумината автори кои решиле да не се компромитираат, се соочени со неверојатни тешкотии.“

Поврзана содржина