1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Уметниците на крајот од кариерата - славни или сиромашни?

Герхард Рихтер и Марио Адорф се дел од малата група германски уметници кои добро заработуваат од својата професија. Останатите се обидуваат да преживеат, на работ на егзистенција.

Афирмираните уметници немаат проблем. Но повеќето мои пријатели кои се занимаваат со уметност заработуваат многу малку. Мојата заработка исто така е едвај доволна за скромен живот“, вели Јирген Фенеберг (на насловната фотографија). Тој живее и работи во берлинскиот кварт Кројцберг, каде има и сопствено ателје. Во главниот град се доселил кон крајот на 1980-тите години и оттогаш живее само од својата уметност, односно од скулптурите за кои има редовни купувачи.

Фенеберг е само еден од слободните уметници што Германија ги има во изобилство. Точниот број е невозможно да се прецизира од едноставна причина што речиси секој може да си даде титула на слободен сликар, актер или музичар. Многу луѓе работат како самостојни автори и живеат само од продажбата на своите дела. Мнозинството од нив едвај заработува доволно за живот. Ретко кој има доволно пари за да може да си дозволи да издвои средства и за деновите на длабока старост. Оние кои може добро да живеат од својата уметност всушност се ретки исклучоци.

Gerhard Richter: Retrospektive in Düsseldorf

Герхард Рихтер, еден од најскапите современи светски сликари

Живот на работ од сиромаштијата

Германското социјално осигурување за уметници (Künstlersozialkasse KSK) во кое може да се осигураат сите слободни уметници, објави податоци, според кои годишната заработувачка од пишување, ликовна уметност или музика во 2011. година изнасувала во просек 14.000 евра. Во месечни рамки тоа значи бруто приход од 1.200 евра, што според германските закони, би значело дека овие луѓе навистина живеат на работ на егзистенција. Во Германија, за сиромашни се сметаат сите оние чии месечни примања се помали од 1.000 евра во бруто износ. Уметниците кои се осигурани преку социјално осигурување за уметници, плаќаат половина од износот за здравствено и пензиско осигурување, додека останата половина за нив ја плаќа државата. Сумата која треба да се уплати варира од ситуација до ситуација и зависи од месечната заработувачка. Тоа значи дека луѓето со ниски месечни примања, кои не се во можност да издвојат повеќе пари за пензиско осигурување, во иднина ќе земаат доста ниски пензии.

„Во моментов можам да си дозволам да уплаќам само мали износи. Да заработував повеќе би плаќал и за дополнително, приватно пензиско осигурување, но тоа за жал засега не е возможно, иако добро знам дека од овие уплати зависи мојата иднина“, заклучува уметникот Јирген Фенеберг.

Junge Künstlerin bei der Arbeit an der Staffelei

Малкумина стануваат познати и славни уметници


Променливи и нередовни примања

Примањата на уметниците се доста променливи: еден месец можеби се повисоки, но веќе наредниот месец се извонредно ниски. Писателите, глумците и ликовните уметници своите пари ги заработуваат многу нередовно. Генералниот заклучок е дека уметниците во Германија не живеат добро. Многу од нив мораат да работат и некоја споредна работа за да може да опстојат. Многу ретко, и доколку навистина имаат среќа, може да се случи тоа споредно занимање да биде поврзано со нивната примарна професија. На пример, има ликовни уметници што заработуваат за живот на тој начин што дизајнираат интернет страници на различни компании“, објаснува Вероника Миршел, раководител на Одделот за слободни уметници во рамки на синдикатот.

Јирген Фенеберг заработува дополнително на тој начин што своите дела ги изнајмува на најразлични компании.

„Многу мои колеги работат дополнително. Тоа е вообичаено и никому од нас не му претставува проблем. Она што сите не‘ загрижува е иднината во која ќе бидеме стари. Често размислувам за тоа, но ситуацијата е таква каква што е, па затоа се обидувам да живеам за сегашноста“, вели Фенеберг.