1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Умерен оптимизам во Германија по договорот со Иран

Пробивот во преговорите околу иранската нуклеарна програма донесе олеснување во Германија. Иако за мнозинството договорот е само прв чекор, оценките се дека германската економија може да профитира.

Шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле, кој присуствуваше на преговорите со Иран во Женева, заедно со претставници на земјите членки на Советот за безбедност, Русија, САД, Кина и Франција, договорот го оцени како пресвртна точка.

„Денеска направивме важен чекор во насока на нашата цел за Иран без нуклеарно оружје“, рече Вестервеле. По повеќегодишни преговори, Иран во неделата прифати да престане со развојот на својата нуклеарна програма. Но, Иран ќе мора да ги исполни условите во следните 6 месеци, а според Рупрехт Поленц, поранешниот претседател на парламентарната комисија за надворешна политика на Бундестагот и експерт за Иран, не треба да се имаат превисоки очекувања.

Поленц смета дека актуелниот договор им дава на преговорачите дополнително време за нови преговори. „Иран потпиша за следните 6 месеци, но пред сѐ, дозволи релевантни контроли кои ќе осигураат дека се придржува до договорот“, вели Поленц.

Германија како медијатор

Omid Nouripour Bündnis 90/Die Grünen MdB

Омид Нурипур од Партијата на Зелените

Но, според мислењето на Омид Нурипур од Партијата на Зелените, деталите од договорот не се толку критични. „Нема напредок во самиот конфликт, туку во актот на меѓусебната соработка“, вели пратеникот со потекло од Иран. „Се работи за пробив затоа што пред две години, не беше воопшто можно двете страни да седат на иста маса. А сега веќе е договорено преодно решение“, вели Нурипур. Според него, најголема заслуга за тоа имаат иранската влада која самата се ставила под временски притисок за постигнување договор, и САД кои пружиле рака за помирување. Нурипур вели дека и германските претставници имаат заслуги:

„Германија одигра добра улога со посредувањето во рамките на меѓународната заедница, Русија и Кина од една и Американците од друга страна. И секако Европејците кои не секогаш имаат заеднички став“.

Од примарен интерес за Иранците беше олеснувањето на економските санкции кон земјата. Тоа е делумно постигнато. Во замена за концесии во нуклеарната програма ќе бидат укинати дел од санкциите за трговијата со злато и скапоцени метали и во хемиската индустрија. Иранското воздухопловство исто така ќе добие пристап до пазарот за резервни делови со што ќе може да ја сервисира остарената флота.

Економски интереси

Поленц смета дека олеснувањето на санкциите ќе донесе економски придобивки за Германија, затоа што се отвора можноста за трговија со Иран. „Германија беше целосно инволвирана во санкциите, и сега, доколку се

Ruprecht Polenz

Рупрехт Поленц

олабават дел од тие санкции, германските економски интереси можат да имаат полза“. Поленц очекува да останат во сила рестрикциите во нафтената индустрија и финансиските трансакции. „Тоа е добро сѐ додека не се постигне конечен договор и тој не влезе во сила“, вели Поленц.

Одлучувачки фактор ќе биде дали Иранците ќе се покажат како доверлив партнер и ќе ги имплементираат резултатите од преговорите. Нурипур е оптимист. „Мојот впечаток е дека Иранците се сериозни затоа што нивните интереси се сменија. Сирија стана далеку поважна одошто нуклеарното прашање“, вели Нурипур.

Поленц е покритичен. Тој вели дека следните месеци ќе покажат дали Иран само купува време. „Јас би го советувал Иран да не го прави тоа, затоа што потоа санкциите ќе бидат вратени“. Но Западот има интереси кои го надминуваат нуклеарното прашање, во прв ред состојбата со човековите права во Иран. Поленц вели дека тоа треба да се искористи и тие прашања да се отворат во следната рунда преговори. „Тоа пред сѐ се однесува на катастрофалната состојба со човековите права. Рохани ги направи првите чекори во тој правец, но мора јасно да ставиме до знаење дека очекуваме повеќе од него“, вели Поленц.