1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Улцињ, хит за туристите од БиХ

Сезонава во Црна Гора летуваат една третина повеќе гости од БиХ. Сѐ поскапата Хрватска, но и убавите плажи и пристапните цени се клучни причини, зошто Улцињ стана омилена дестинација за туристите од оваа земја.

„Во април годинава во Сараево имавме промоција на нашата туристичка понуда, а неодамна овде престојуваа новинари од највлијателните медиуми во Босна и Херцеговина. Очекувавме добра посета но навистина не во волкав број“, истакнуваат со задоволство во Туристичката организација на Улцињ.

Менаџерот во оваа институција Ќазим Хоџиќ за ДВ истакнува дека улцињската ривиера годинава е хит за туристите од БиХ, која со љубезноста на домаќините, богатата кујна и пристапните цени, може секому да му понуди по нешто.

„Се надеваме дека добрата посета ќе продолжи и во септември, бидејќи такви се и најавите. Оваа песочна плажа долга 12 километри ретко каде може да се најде. Постојат се разбира и други места погодни за семеен одмор и за одмор на младите“, додава Хоџиќ.

Песок и плажа

Токму „Големата плажа“ на Улцињ со лековитиот и фин песок е магнетот кој најмногу ги привлекува оние кои доаѓаат на летување со семејството. „Веќе десет години доаѓам секоја година“, вели за ДВ една гостинка од Добој и наведува дека „песокот и оваа плажа“ се факторите кои се решавачки за нејзиниот престој во Улцињ.

Специфичност на „Големата плажа“ е и тоа што на неа постои дел кој е резервиран за покриени жени, а во Улцињ постои и познатата „Женска плажа“ со извори на сулфурна вода. Од друга страна, веќе четири децении во Улцињ постои и нудистичка населба, која се наоѓа на островот Ада, каде што реката Бојана се влева во Јадранското Море.

Исмет Пашиќ од Сараево тука летува од 2000 година редовно со семејството и многу е задоволен со вкупните услови. „Доаѓам веќе подолго време. Одлично е, задоволен сум“, вели тој, а на прашањето, што најмногу го привлекува одговара: „Плажите, тие се посебно погодни за децата“. И Пашиќ тврди дека годинава на улцињската ривиера има многу повеќе гости од БиХ. „Во Хрватска сега откако стана членка на ЕУ е значително поскапо, така што народот повеќе се одлучува за Црна Гора, и тоа главно за Улцињ“, вели Пашиќ.

Место во кое се преплетуваат култури и религии

Улцињ е основан во петиот век пред новата ера и е еден од најстарите градови на Јадранот, место на кое плодоносно се преплетувале големите цивилизации, култури и религии, познато пиратско гнездо во кое страсно ќе ви ја раскажуваат приказната за својот најпознат роб и автор на книгата „Дон Кихот“, за познатиот шпански писател, Мигел де Сервантес.

Ова навистина е место за вистински одмор и добро да се помине, иако тука има простор да се стори уште многу“, вели за ДВ, 35-годишната Муневера Кебо од Сараево. „По 20 години за првпат доаѓам во Црна Гора. Природата е многу убава. Би можело да биде малку почисто. Места за излегување навечер има многу, а цените се пристапни. Сѐ на сѐ не е лошо, но може да биде уште подобро“.

Туристичките движења не се само еднонасочни. Сѐ повеќе граѓани на Улцињ и на Црна Гора своите зимски одмори ги минуваат на планините во околината на главниот град на Босна и Херцеговина.