1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ултра-десницата ќе му ги замрси сметките на Нетанјаху?

Долго време Бенјамин Нетанјаху важеше за сигурен победник на денешните (22.01) парламентарните избори во Израел. Но неговата победа и не е толку сигурна. Нетанјаху не го загрозува политичката левица туку ултра-десницата.

Оној кој го следеше текот на предизборната кампањи во Израел знае дека национално-религиозните партии би можеле да остварат голем успех. Тие се натпреваруваат во тоа кој ќе изнесе порадикални ставови. Дури беше начната и темата која до сега важеше за табу. Имено, се доведува во прашање мировното решение за Блискиот Исток и кое подразбира формирање држава за Палестинците.

Така ултра-десничарот Моше Феиглин предлага на секој Палестинец, кој доброволно ќе го напушти Западниот брег, да му се исплатат и до половина милион долари. Јаир Шамир, кандидат на десничарската партија „Нашиот дом Израел“ ги советува сите добро да ја погледнат картата и веднаш ќе им стане јасно дека тука нема место за уште една држава. Ултра-ортодоксната партија Шаас стравува дека Нетанјаху би можел, по изборите, да влезе во коалиција со левицата и предупредува оти тоа би ги „загрозило религиозните вредности во Израел“.

Naftali Bennett Vorsitzender Habayit Hayehudi Partei

Нафтали Бенет, лидер партијата „Еврејски дом“

Отпор кон идејата за држава за Палестинците

Тука е и партијата „Еврејски дом“ која ја води мулимилионерот Нафтали Бенет. Неговите зборови се особено омилени меѓу младите, десничарско ориентирани Израелци. Анкетите покажуваат дека за многу кратко време од нула стигнал до доверба на избирачите која би можела да му донесе 18 места во Кнесет. Тој нема да може да го победи премиерот Нетанјаху, но ја загрозува владеачката коалиција која веќе има загубено 10 места.

Бенет, син на доселеник од САД, бил претседател на Здружението на еврејски доселеници на Западниот брег и одбива решение кое подразбира формирање на палестинска држава. Тој тврди дека минатото покажало оти преговорите се залудни и дека Израел мора сам да ги реши своите проблеми. Бенет најавува дека нема да ги почитува одлуките на судот за распуштање на еврејските населби. Такви решенија Врховниот суд во Ерусалим донел повеќе пати. Бенет поради тоа сака судиите во иднина да ги именува владата, што кај интелектуалците во Израел предизвикува загриженост. Многумина стравуваат дека тоа би бил крајот на независното судство во Израел.

Збунувачки изјави за можни коалиции

Претставниците на партијата на левиот центар ги збунуваат, во меѓувреме, своите потенцијални избирачи со најавите за разни можни коалиции и различни изјави за тоа дека би можеле да влезат во коалиција со премиерот Нетанјаху. Работничката партија тоа долго време категорички го одби, но ваквата позиција може да се промени. Анкетите покажуваат оти таа партија би можела да добие 15 места во Кнесет.

Netanjahu Wahlkampf Israel

Бенјамин Нетанјаху

Ципи Ливни, поранешната министерка за надворешни работи, со својата новоформирана партија „Движење“ би можела да освои 5 до 11 места во парламентот. Меѓутоа, таа од неодамна го стави на втор план личниот успех и тврди дека е многу поважно избирачите да го дадат својот глас за „која било партија од левиот центар“.

Голем број од избирачите до последен момент не можеа да се определат за кого ќе гласаат. Многумина се разочарани, како на пример студентката Роне Авирам од Тел Авив која за политичарите вели оти „сите се егоисти кои даваат лажни ветувања“. Таа ќе гласа за левичарската партија „Мерец“. Тоа е речиси единствената партија која е застапник за крај на окупацијата на палестинските територии и мир. Прогнозата за таа партија гласи: 5 места во парламентот.