Улрих уште се надева, за Вардар надежите згаснаа во Гелзенкирхен | Теми | DW | 19.07.2004
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Улрих уште се надева, за Вардар надежите згаснаа во Гелзенкирхен

На Тур д‘Франс на Јан Улрих работите не му одат како што посакуваше, на Вардар гостувањето во Гелзенкирхен ќе му остане во лоши спомени, американските атлетичари од штафетата 4 пати по 400 метри веројатно ќе мора да ги вратат златните медали поради допинг.

Јан Улрих засега не успева да држи чекор со Ленс Армстронг

Јан Улрих засега не успева да држи чекор со Ленс Армстронг

На Тур д‘Франс денеска велосипедистите го уживаат вториот слободен ден. Пиринеите се зад нив, но престојат етапите во Алпите, каде ќе падне дефинитивното решение. Засега и натаму во жолтата маичка вози Французинот Томас Веклер, со 22 секунди предност во однос на големиот фаворит, Американецот Ленс Армстронг. Членовите на германскиот Ти-мобајл-тим досега немаат причини за славење. Во Пиринеите Улрих заостана зад Армстронг, Ерик Цабел засега во спринтот во сенка на Австралиецот Роби Мекјуен. Јан Улрих се‘ уште не се откажа од сите надежи: “За мене е сега важно добро да ја извозам трката, да останам здрав, да не паднам и да стигнам во Париз. Можеби во Алпите навистина ќе можам нешто да покажам, оти сум во добра форма, и можеби дури е достижно и место на победничкиот подиум”. Капитенот има и алтернативно решение ако нему сепак не му оди како што посакува: “Го имаме и Андреас Кледен, кој е сосем добро пласиран, се‘ уште го држат нозете, во добра форма е и ако некаде му е потребна моја помош и се искристализира дека е тој посилен, тогаш јас нему ќе му помогнам”.

Во тенисот по цели 10 години повторно едно германско финале на АТП-турнир: во Лос Анџелес Томи Хаас го совлада Николас Кифер со 7 спрема 6 и 6 спрема 4. Ова е веќе втор турнир што годинава го освои Хаас, по победата во Хјустон: “Има само една причина зошто играм тенис, а тоа е самодокажувањето, уште еднаш да покажам за да видам колку можам да остварам. Едноставно е неверојатно чувство да ја славам мојата втора победа, тоа е и причината зошто толку напорно работев и поминав низ фаза на рехабилитациони вежби. Сметам дека нема поубаво чувство во тенисот”. Кифер, пак, по трет пат годинава од финале го напушта теренот со наведната глава и речиси 4 години нема освоено турнир.

На викендот нови информации за допинг-скандали: членовите на американската победничка штафета 4 пати по 400 метри од Сиднеј веројатно ќе мора да ги вратат златните олимписки медали, бидејќи на актуелниот светски атлетски првак на 400 метри Џером Јанг дополнително му е докажано користење недозволени средства уште во 1999-та година. Дефинитивно решение треба да донесе Меѓународниот олимписки комитет.

Во спортот не се допингуваат само луѓе: германската натреварувачка во коњички скокови Мередит Михаелс-Беербаум не ќе може да настапи на олимпијадата во Атина, иако се избори за учество, зашто во меѓувреме е докажано дека нејзиниот коњ бил допингуван при натпреварите од финалето на светскиот куп во Милано кон крајот на април годинава. 34-годишната Михаелс-Беербаум ќе беше прва жена во германска олимписка селекција во коњички скокови.

Германските претставници во Интертото-купот ги остварија посакуваните резултати: Шалке со убедлива, Борусија Дортмунд со победа на гости а и Хамбургер се врасти непоразен играјќи нерешено. Сите, значи, имаат реални шанси за пласман понатаму и основа за надеж дека некој од нив ќе може по заобиколен пат да стигне до купот на УЕФА. Надежите на скопски Вардар за евентуално изненадување против реномираниот противник згаснаа во Гелзенкирхен. Пораз од Шалке не е за срамење, но овој пат е во прашање катастрофа од 5 спрема 0. Лани Вардар стигна до прагот на Лигата на шампионите, годинава само до 3-тото коло на Интертото-купот. Има ли надеж некогаш да се најде на големата фудбалска сцена. За тоа младиот капитен Никола Ѓошевски за Дојче Веле изјави: “Зошто да не. Фудбалот е игра, изненадувања не се неможни. Ние минатата година во дуелот со Спарта Прага за малку испуштивме можност да се најдеме во Лигата на шампионите. Грција на Европското првенство исто така покажа дека ништо не е неможно и оти со тимска игра може многу да се постигне. А Вардар го краи токму тимска игра”.

Во секој случај, скопскиот тим предводен од бразилски тренер шанса ќе побара во наредната сезона – во оваа по хаваријата во Гелзенкирхен, крајот на европските настапи е на повидок.